Унгарија ја забрани Парадата на гордоста во градот Печ
Унгарската полиција објави дека ја забранува Парадата на гордоста планирана за октомври во градот Печ, повикувајќи се на уставните амандмани усвоени оваа година, со кои секое собирање што „промовира хомосексуалност“ е нелегално.
Препорачано
Одлуката следува по претходната забрана на Парадата на гордоста во Будимпешта во јуни, кога повеќе од 200.000 луѓе ја прекршија одлуката учествувајќи на парадата во главниот град.
Организаторите од Разновидната младинска мрежа ја оценија забраната како „тежок удар на ЛГБТ+ заедницата“ и најавија дека собирот сепак ќе се одржи како што е планирано на 4 октомври во Печ.
„Одбиваме да бидеме замолчени. Нема да бидеме заплашени“, се вели во нивното соопштение.
Од 2018 година, унгарската влада под водство на премиерот Виктор Орбан постепено ги ограничува правата на сексуалните малцинства, повикувајќи се на „заштита на децата“, што предизвика критики од Европската унија. Забраната за Парадата во Будимпешта се сметаше за голем чекор назад за правата на ЛГБТ+ лицата во ЕУ.
Градоначалникот на Будимпешта, Гергељ Карачоњ, се соочува со обвинение за организирање на парадата и можност за казна затвор до една година.


