Изложбата ќе биде поставена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје

Уметнички дела од Драгослава Ѓуриќ се инспирирани од заложбите за зачувување на балканскиот рис

Македонското еколошко друштво го најави отворањето на изложбата „Зора – Нејзината заборавена шума“ на уметницата Драгослава Ѓуриќ, што ќе се случи на 5 февруари (четврток) во КСП „Центар-Јадро“, со почеток во 19 часот.

Инспирирана од теренските искуства и заложбите на Програмата за зачувување на балканскиот рис, изложбата донесува серија уметнички слики преку кои посетителите можат да влезат во балканската шума и да се запознаат со светот на младата балканска рисица Зора.

Покрај сликите, изложбата ќе вклучува и избрани теренски фотографии и материјали направени од тимот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, преку која Македонското еколошко друштво веќе 20 години работи на зачувувањето на оваа кревка популација. Овие фотографии доловуваат какви се опкружувањата во кои живее балканскиот рис и како изгледа работата на терен којашто придонесува за неговиот опстанок во овие краишта.

Драгослава Ѓуриќ е визуелна уметница која се занимава главно со сликарство во техниката масло на платно, а инспирацијата ја црпи од дивиот свет, шумите, мочуриштата и меѓусебно поврзаните животи кои ги одржуваат природните екосистеми. Нејзината работа ги истражува начините на кои може емоционално да се поврземе со животните кои најчесто ги сретнуваме оддалеку, низ бројки или како апстракции.

Уметничките слики, коишто во Скопје ќе бидат за првпат изложени од 5 до 12 февруари, ќе може да се купат, а дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на натамошната работа за закрепнување на балканскиот рис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот