Украинските шинели

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Украина е соочена со две зла. Дури и да избегне војна, ќе остане бојно поле на кое Западот и Русија од своите ровови ќе се препукуваат со закани, провокации, кибернетски артилерии и што уште не

Со почетокот на заедничките воени маневри на руската и на белоруската армија, утре е денот на кој се отвора „прозорецот“ за очекуваната и долго најавуваната воена инвазија на Русија врз Украина.

Разузнавачки офицери и генерали во Пентагон со недели наназад ја бомбардираат јавноста со детални описи како ќе се одвива инвазијата врз Украина, која, да не заборавиме, сѐ уште фигурира само на хартија. Бројат сѐ до последен шлем, пушка, тенк и ракета, ги постројуваат војниците по баталјони, внимателно го следат возниот ред на возовите што доаѓаат од Сибир, до каде стигнале полските болници и резервите со крв за ранетите. Околу картата со Украина боцкаат знаменца, тенкчиња, цртаат кругови и стрелки, веќе ги бројат жртвите и ранетите. Ете, сега знаеме дека прв во инвазијата, која да не заборавиме сѐ уште не почнала, ќе настрада Киев. Руските тенкови таму ќе стигнат брзо, со благ застој поради неколкуте заседи поставени низ шумите, а по пат ќе загинат или ќе бидат ранети 50.000 цивили, плус 25.000 украински војници и 10.000 руски. Останува уште да ги наведат имињата.

Со вакви пресметки на офицерите од Пентагон (истите оние што не толку одамна беа одговорни да ја испланираат и да ја спроведат операцијата за повлекување на американските сили од Кабул), на Путин не му преостанува ништо друго освен да ги испрати руските генерали во предвремена пензија и да ги следи внимателно плановите за акција што ги добива за без пари.

А Владимир Владимирович, тивко и упорно повторува: Русија не планира инвазија врз Украина.

Зошто, по ѓаволите, би планирала? На Кремљ му успеа да ѝ го грабне на Украина целиот полуостров Крим практично без испукан куршум. Тогаш никој не предупредуваше дека Русија концентрирала стотина илјади војници покрај границата (можеби затоа што впрочем и немаше таква концентрација), а лукавата операција на Кремљ сепак заврши со анектирање на веројатно најголемата територија во Европа по Втората светска војна. Зошто сега Путин би ги жртвувал оние 10.000 кутри војници, веќе прежалени на списокот на Пентагон, за да ги истопори тенковите во Киев и веднаш да почне да крои многу потешки планови како да ги извлече од котелот и да ги врати живи и здрави назад. Пресметливиот поранешен агент на КГБ нема ни да помисли на таква крвава авантура, освен ако навистина е „луд“ на својата совест да натовари души на илјадници и руски и украински војници и граѓани.

А, ете, не стивнуваат ниту заплашувањата од војна ниту трупањето војска и оружје од двете страни на границата. Пркнаа, но не фатија корен, неколку помалку или повеќе амбициозни обиди за мирно решавање на кризата од политичари што патувајќи или телефонирајќи во Киев и во Москва ги бранат и сопствените интереси. Борис Џонсон говореше во Киев во обид да преживее распнат од сопствените конзервативци во Лондон. Реџеп Таип Ердоган отиде во Киев за да продаде беспилотни летала „бајрактар“. Олаф Шолц отиде во Вашингтон за да ги остави отворени вентилите на гасоводот „Северен тек 2“, преку кој германската економска машина се храни со руска енергија. Виктор Орбан отиде во Москва затоа што е… Виктор Орбан.

Најдалеку во амбициите стаса Емануел Макрон, кој се чини цврсто решен во предизборните месеци пред гласачите да се наметне како европски, не само француски, херој и миротворец. На шефот на Елисејската палата не му успеа да ги скроти „армијата жолти елеци“ со која води улични војни во Париз, а ете, убеден е и дека ќе спречи војна во Украина и дека со Путин ќе воспостави, како што самиот најави: „Нов поредок, кој ѝ е егзистенцијално потребен на нашата Европа“. Неговиот влог е голем. Ако не успее да ги шармира гласачите, на 24 април може да загуби битката со Марин ле Пен, која тргна во спротивна насока – ако победи, ќе ја извлече Франција од НАТО.

Во сите овие воени, пропагандни и дипломатски маневри малку кој мисли на Украина, соочена со две зла. Дури и да избегне војна, ќе остане бојно поле на кое Западот и Русија од своите ровови ќе се препукуваат со закани, провокации, кибернетски артилерии и што уште не. Володимир Зеленски попусто апелира до сојузниците да ја стивнат воената реторика, која му оди на рака и на Кремљ. Штетата веќе е направена – и кога ќе се затвори „прозорецот“ за инвазија, Украина со недели, месеци и години ќе остане „земјата во која војната само што не почнала“.

Тоа е сурова пресуда за Украинците, кои настојуваат да си ја гледаат својата работа и да ги игнорираат маневрите на светските лидери во Киев. Им преостанува да им завидуваат на соседите. „Тука немаме работа. Пензијата ми е мала. Во Белорусија имаат колективни фарми“, вели продавачка од пограничното селото Јариловичи, чија сестра се омажила за полициски агент од другата страна на границата.

Менгеменосани од сите страни, Украинците копнеат по мир, како што Акаки Акакиевич копнеел по својот шинел во расказот на Николај Гогољ, украинско-рускиот великан што многу одамна ја овековечил тажната судбина на оние што си ја гледаат сопствената работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот