Туск му кажал на Орбан дека со сомневањето во Украина се става себеси надвор од ЕУ и НАТО

Туск и Орбан / Фото EPA-EFE/VIRGINIA MAYO / POOL

Премиерот на Полска, Доналд Туск денеска изјави дека на унгарскиот колега Виктор Орбан му кажал дека во ЕУ и во НАТО нема место за оние кои се сомневаат за што се работи во војната во Украина.

– Му кажав на Виктор Орбан и на неговата Влада, а не на Унгарците, и повеќе отколку што треба, а тоа ќе му го кажам и утре на Самитот на Вишеградската група во Прага. Нема место во Европската Унија и НАТО за какви било сомнежи кога станува збор за руската – украинската војна, наведе Туск.

Тој додаде дека секоја земја-членка на ЕУ и на НАТО по дефиницијата на членството мора да ја поддржува Украина во нејзината борба против Русија.

– Кој не го разбира ова де факто се става себеси надвор од нашите заедници. Не може да има нејаснотии. Западниот свет мора да биде солидарен. Се надевам дека чекор по чекор и нашите партнери во регионот ќе го разберат тоа, истакна Туск.

Полскиот премиер изрази загриженост и поради изјавите на премиерот на Словачка, Роберт Фиц дека војната е предизвикана од Украина.

Според Туск утрешните разговори на Самитот на премиерите на Полска, Чешка, Словачка и Унгарија во Прага нема да бидат ниту едноставни ниту пријатни.

– Еден вид парадокс е што денес вакви двосмислени сигнали за Путин доаѓаат од Братислава и Будимпешта. Имавме исти историски искуства со Советскиот Сојуз. Не наоѓам причина зошто земјите од регионот не би можеле да бидат солидарни со нападнатата земја, посочи Туск, додавајќи дека утре ќе се дознае дали воопшто има смисла постоењето на Вишеградската четворка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот