Фото: Принтскрин

Туристите потешки од 100 килограми веќе не смеат да јаваат магариња на Санторини

Туристите на грчкиот остров Санторини со години јаваат магариња од старото пристаниште до градот Фира, сместен на врвот од карпата. Сепак, поради екстремно стрмната рута со камени скали, големиот метеж и сè почестите предупредувања од организациите за заштита на животните, локалните власти воведоа построги правила. Отсега, секој што сака да јава магаре не смее да тежи повеќе од 100 килограми, објави порталот Always Pets.

Животното не смее да носи товар поголем од 20 проценти од својата телесна тежина. Одлуката е донесена поради исцрпеност и чести повреди. Најтешките повреди најчесто се случувале во текот на туристичката сезона. Магарињата се соочувале со повреди на ’рбетот, рани од седлото и прекумерен напор.

Искачувањето од пристаништето до Фира е долго околу 400 метри и опфаќа меѓу 500 и 600 скали, во зависност од рутата, а магарињата често биле приморани да направат повеќе тури дневно. Покрај ограничувањето на тежината на јавачите, предвидено е на животните да им се обезбеди вода за пиење и задолжителни паузи за одмор, со цел да се спречат дехидратација, исцрпеност и долгорочни проблеми со зглобовите. Одлуката предвидува и засилен надзор и водење евиденција за полесно следење на здравствената состојба и условите во кои работат.

Генерации наназад, магарињата имале важна улога во животот на жителите на Санторини. Пред изградбата на патиштата и жичарницата, тие служеле за транспорт на градежен материјал, намирници и луѓе. Островот годишно го посетуваат неколку милиони туристи, од кои голем дел пристигнуваат со крузери. До врвот на островот може да се стигне пеш, со жичарница или со магаре, што и денес претставува туристичка атракција.

Во последните две децении бројот на туристи значително порасна, особено пред пандемијата, кога Санторини го посетиле повеќе од два милиона луѓе, меѓу кои и стотици илјади патници од крузери. Зголемениот прилив дополнително го отежнал пристапот до градот, по што било воведено ограничување на дневниот број бродови.

Според оценките, ваквите мерки позитивно влијаеле врз благосостојбата на животните и врз квалитетот на живот на локалното население.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот