Тренерот и капитенот остануваат верни на МЗТ Скопје, нови договори за Кочов и Стојановски

Тимот од Аеродром во следната сезона ќе биде предводен од тренерот Ѓорѓи Кочов и капитенот Дамјан Стојановск кои се согласија да потпишат нови договори.

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром и следната сезона од клупата ќе биде предводена од досегашниот тренер Ѓорѓи Кочов, додека капитен и понатаму ќе биде репрезентативецот Дамјан Стојановски. Двајцата денеска договорија продолжување на соработката, која само формално ќе биде официјализирана во следните неколку дена.

За Кочов ова ќе биде трета сезона која ќе ја почне како прв стратег на четата од „Јане Сандански“, функција на која беше промовиран во првата половина од 2018 година на местото на Жељко Лукајиќ, чиј помошник беше дотогаш. Зад себе има шампионска титула освоена лани, како и епитет морален шампион по убедливото прво место на табелата во моментот кога беше прекинато годинешното првенство поради пандемијата со коронавирусот.

Зад Кочов се и две повеќе од солидни сезони во АБА2-лигата, што и тоа како ќе биде драгоцено искуство, без разлика дали МЗТ Скопје Аеродром и во следниот период ќе игра во ова натпреварување или, пак, ќе добие шанса да игра против најдобрите екипи на просторот на поранешна СФР Југославија на местото на Копер Приморска.

Стојановски, пак, се обврза да го носи сино-белиот дрес и во следните две сезони, со што би заокруж целата декада како играч на нашиот клуб, што дефинитивно ќе биде остварување за респект и за историјата. Зад Дамјан е можеби најдобрата сезона во кариерата и тоа со просек од 14,8 поени, четири скока и 1,6 асистенции на 22 средби во АБА2 и од 15,3 поени, 4,8 скока и 2,1 асистенции на 15 средби во домашната Прва лига.

Тој досега се има закитено со пет шампионски титули (2013, 2014, 2015, 2016 и 2019 година) и шест трофеи во Купот на Македонија (2007, 2009, 2013, 2014, 2016 и 2018), а четири пати беше избран за најкорисен МВП-играч во финалните серии од домашното првенство.

Во моментов, покрај него, договорна обврска со МЗТ Скопје Аеродром имаат уште и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот