Трамп: „Владимир, сретни се со Зеленски“
Американскиот претседател Доналд Трамп му предложи на својот руски колега Владимир Путин да ја разгледа можноста за контакт со украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави денес Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател.
Препорачано
„Ова прашање не е ново за нас, всушност, беше дискутирано неколку пати за време на телефонските разговори меѓу нашиот претседател Владимир Путин и претседателот Трамп. За време на тие разговори, Трамп, меѓу другото, предложи да ја разгледаме оваа можност“, рече Ушаков во интервју за телевизискиот канал „Россија 1“, јавува агенцијата Интерфакс a пренесува АПА.
Тој нагласи дека потенцијалните контакти меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да бидат насочени кон постигнување конкретни, позитивни резултати.
„Главната работа е овие контакти да бидат добро подготвени, тоа е првото нешто. Второ, тие да бидат насочени кон постигнување конкретни позитивни резултати“, истакна Ушаков и потсети на изјавата на Путин дека Москва ќе ја гарантира безбедноста на Зеленски ако е подготвен да дојде во Русија на разговори.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха претходно изјави дека Зеленски изразил подготвеност лично да се сретне со Путин за да разговара за прашањето за територијата и управувањето со нуклеарната централа Запорожје.


