Тошковски имал хируршка интервенција на Клиника

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски објави дека денска во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје имал успешна хируршка интервенција и е стабилен.

– Во моментов сум под надзор на лекарите, по што следува краток период на опоравување. Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури. Целиот тим професионално си ги извршува обврските и моето привремено отсуство нема да има никакво влијание врз тековните процеси и активности, ниту пак врз безбедноста на граѓаните. Веднаш по завршувањето на периодот на опоравување, се враќам на редовно извршување на моите обврски во полн капацитет – објави Тошковски на социјалните мрежи.

Министерот за внатрешни работи подолг период го нема во јавноста ниту на прес – конференција, ниту на настаните кои ги организира Министерството за внатрешни работи, па воопшто ги нема коментирано шпекулациите во кои се споменува неговото име како еден од министрите кои ќе бидат сменети, иако овие информации јавно и официјално никој не ги потврдил, а премиерот Христијан Мицкоски вели дека рано е за било какви комбинаторики и повеќе информации за реконструкција на Владата најавува за по 6 декември кога ќе биде конгресот на партијата.

За разлика од него директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев е присутен на настани и на социјалните мрежи. Во неделата беше во Градскиот парк, каде заедно со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, оддадоа почит на сите кои ги загубија своите животи на патиштата.

Пред неколку дена беше во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, каде што остварил средби со високи полициски претставници од Абу Даби и Дубаи, а претходно беше во СВР Тетово и ОВР Кочани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот