Толпа гневни Мексиканци брутално претепале жена осомничена за убиство на мало девојче

Нервозни граѓани во Мексико по убиството на младо девојче / Фото EPA-EFE/JOSE LUIS DE LA CRUZ

Во мексиканскиот туристички град Таксо вчера толпа гневни граѓани брутално претепаа жена осомничена за киднапирање и убиство на мало девојче. Луѓето до смрт ја претепале жената неколку часа пред познатата градска поворка на Светата недела, пишува АП.

Толпата настана откако во средата исчезна 8-годишно девојче. Нејзиното тело било пронајдено вчера рано наутро на пат на периферијата на градот.

На снимката од безбедносните камери се гледа како жена и маж товарат нешто завиткано во чаршаф во такси, што изгледало како да е тело на дете.

Толпата вчера ја опколила куќата на жената од видеото, заканувајќи се дека ќе ја изнесат надвор. Полицијата ја внела жената во службен пикап, но полицајците застанале и дозволиле на толпата да ја извлечат осомничената од возилото. Луѓето ја клоцале и тепале жената на улица додека таа лежела полугола и неподвижна на земја.

Откако граѓаните брутално ја претепале, полицијата ја ставила жената во пикап и ја однела оставајќи го тротоарот обоен со крв. Државното обвинителство на Гереро подоцна потврди дека жената починала од повредите.

„Ова е резултат на лошата влада што ја имаме“, изјавила една жена која била дел од лутата толпа. „Не е прв пат да се случуваат вакви работи, но ова е прв пат луѓето да направат нешто. Доста ни е. Овој пат беше убиено 8-годишно девојче”, изјави таа.

Градоначалникот на Таксо, Марио Фигуероа рече дека го споделува гневот на жителите поради убиството на детето. Фигуероа кратко по претепувањето на жената на улица изјави дека не добил никаква помош од државната власт за градската полиција, која била побројна од разгневената толпа.

Верската поворка во пресрет на Велики петок, која со векови се одржува во Таксо, според планот почна синоќа.

Луѓето се собраа по улиците на Таксо за да гледаат мажи со качулки како шетаат додека се камшикуваат или носат тешки снопови трње преку нивните голи рамена во покајание за да го имитираат страдањето на Исус Христос кој го носи крстот.

Нападите на гневните толпи граѓани не се новина во Мексико, особено во руралниот дел на земјата. Во 2018 година, лута толпа запали до смрт двајца мажи во централната држава Пуебла, а следниот ден маж и жена беа извлечени од нивното возило, претепани и запалени во соседната држава Хидалго.

Но, Taxco и другите градови во државата Гереро се особено склони кон насилство. На крајот на јануари приватните таксисти стапија во штрајк во градот бидејќи им се заканувала нарко банда која се бори за контрола на областа. Ситуацијата била толку лоша што полицијата морала да ги вози луѓето во своите патролни возила.

Отприлика во исто време, на периферијата на Таксо биле пронајдени телата на двајца детективи изрешетани со куршуми. Локалните медиуми објавија дека на нивните тела имало траги од тортура. Во февруари, вооружени лица на мотоцикли пукале во автомобилот на Фигуероа, отпорен на куршуми.

Во Таксо и низ државата Гереро, нарко-картелите и бандите рутински го напаѓаат локалното население барајќи исплати за заштита од сопствениците на продавници, таксистите и автобусите. Банди ги убиваат оние кои одбиваат да платат. Жителите велат дека им е доста, а насилството на граѓаните може дополнително да се одрази на туризмот, пишува АП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот