Тетово ја отстранува велосипедската лента долж булеварот „Илинденска“ поставена во време на Теута Арифи

Новиот градоначалник Биљал Касами нарeди да се отстрани дел од патеката на булеварот, на барање на Основниот суд во Тетово / 17 ноември 2021 / фото: Општина Тетово

Во Тетово денеска се отстрануваа столпчиња кои означуваа велосипедска лента поставени во мандатот на претходната градоначалничка, а за што новиот градоначалник Биљал Касами тврди дека се прави по барање на полицијата и судот поради нивно незаконско поставување.

Станува збор за столпчиња кои се поставени долж двете коловозни ленти на булеварот „Илинденска”, на потегот од судот до Универзитетот на Југоисточна Европа и излезот на градот кон Гостивар.

Новата велосипедска патека во Тетово со низа пропусти, граѓаните очекуваат да биде поправена

– Денеска сме тука за да реализираме едно судско решение, се покренува постапка за противзаконско поставување на оваа патека и во врска со ова судот бара да се тргнат овие пречки и овој булевар, оваа јавна површина да се врати во првобитната ситуција. Ние постапуваме по одлуката на судот – ќе се тргнат овие пречки и улицата ќе се стави во првобитна состојба. Судот веќе имал постапка против општината и против поранешната градоначалничка кои ќе продолжат. Ние како општина, согласно одлуката на судот, ќе покренеме постапка за штетата која е направена на општината, на граѓаните и на јавниот интерес, изјави Биљал Касами.

Според градоначалникот, првично полицијата побарала отстранување на столпчињата до Судот, а од таму било тоа побарано да го направи Општина Тетово.

– Има барање од полицијата и судот е веќе во постапка за да постапи по барањето на полицијата улицата да се врати во првобитна состојба затоа што е направена спротивно на законот. Има пријава и ние одговоривме на судот дека за да не дојде до извршно решение и да немаме повисоки последици да постапиме и според првичните информации, тоа ќе биде договорено со судот за да не биде уште повеќе оштетена општината и јавниот интерес, рече Касами.

На новинарските прашања дали ќе има нова велосипедска патека, со оглед дека оваа веќе нема да постои, Касами рече дека сега е важно да се заврши оваа постапка за отстранување на столчињата, па потоа ќе се размислува што ќе се прави понатаму.

Оваа велосипедска лента по должина на булеварот Илинденска во Тетово стана предмет на исмевање преку социјалните мрежи бидејќи се оставени бетонски препреки на самата површина, на одредени тротоари нема спуштање на рабниците до нивото на возната површина, а долж патеката се оставени и контејнери.

Новата велосипедска патека во Тетово со низа пропусти, граѓаните очекуваат да биде поправена

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот