Тетовка обвинува: На Онкологија во Скопје добив лажна дијагноза за рак на дојка, па ми ги отсекоа градите

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пациентка од Тетово со двојна масектомија бара одговорност од лекарите од Клиниката за онкологија и радиотерапија кои сугерирале итна операција поради сомневање за канцер

„Имам една добра и една лоша вест за вас. Добрата вест е дека нема да мора да одите на хемотерапија. А лошата е, што не требаше да ви ги отстраниме градите. Воопшто не сте имале карцином”.

Овие реченици што ужаснуваат, 56 – годишната С.С. од Тетово ги слушнала од лекар во приватна болница во Скопје во 2018 година и оттогаш ќе  ја прогонуваат ден и ноќ. Животната радост која дотогаш ја чувствувала оваа жена ќе биде поттисната под тешкиот камен на гневот, неодговорените прашања и посетите во ординациите на психијатрите.

Во нашата редакција таа дојде истоштена, растреперена и како штотуку разбудена од шок. Шокот за неа трае петта година, а измешан е со лутина и една внатрешна потреба:

-Некој мора да одговара за тоа што ми беа отстранети градите поради лажна дијагноза за канцер. Ми кажаа дека мора итно да се оперирам, а кога се вратија резултатите од хистопатологија после операцијата, во ткивавата од отстранетите гради, имаше мастит, а не канцер.

С.С. е мајка и сопруга. Пред да ја жегне наодот кој оди во прилог на канцер, излегувала, сакала да разговара, да комуницира, имала пријатели и сакала да се дружи. Се хранела здраво и со сопругот постојано оделе во природа. Но сега, од таа жена останати се само спомени, а ја заменува тажна и замислена, честопати нерасположена „двојничка”. Освен дел од нејзиниот физички интегритет, вели дека ѝ е украден и дел од душата кој никогаш нема да може да го придобие назад. Во текот на еден час колку што разговаравме, можеби десет пати спомена дека откако ѝ ги отстраниле двете дојки поради канцер што го немала, таа е психички руинирана. Од нејзиниот сопруг кој срдечно се жртвувал изминатите пет години, сега таа чека и да ѝ помогне да се искапе. Не може да учествува во работите од домаќинството како што тоа го правела порано. На местото на нејзините гради сега има протези, што ѝ паѓа многу тешко. Не толку поради естетиката, колку поради украдената женскост и телесниот интегритет.

-Кога се капам, многу боли. И ќе се погледнам и тешко ми е. Рацете ми се тресат. Понекогаш кога ќе земам чаша вода во рака таа ми паѓа. Раката ми се олабавува и губам контрола и осет во неа. Често затреперувам. Пет години од нашата куќа не излезе ниту збор за тоа што ми го направија. Само јас, маж ми адвокатките и децата знаеја. На пријателите не им кажувавме. Поминавме пекол и шок, наизменично. Не знаев дали да бидам благодарна што немам канцер, или да тагувам што ме осакатија. И тие чувства постојано се заменуваа едно со друго. На крајот сите нив ги надвладеа гневот и лутината. Верував во системот и верував дека Обвинителството ќе си ја заврши работата. Но пет години нема никакво поместување. Предметот се чува во фиока и не сакам да застари. Сакам некој да одговара за тоа што ми го направија, затоа решив да се обратам во медиум, вели С.С. за „Слободен печат”.

Кривична пријава против Клиниката за онкологија и против двајца лекари

С.С размислуваше дали да зборува за својата голгота пред камерата на „Слободен печат”. Но секојпат кога беше на работ на таа одлука, рацете почнуваа да ѝ затреперуваат, а гласот да ѝ се блокира од анксиозност.

„Чувствувам дека не можам да дишам и како да имам грутка во грлото”, вели таа.

Пред да стигне до оваа нејзина психолошка состојба, имало обиди и обиди по правен пат во Македонија да докаже дека ѝ се сторени тешки повреди на здравјето. Но, овој пат бил долг и поплочен со ургенции, а мноштво институции скромно ја доживувале итноста која на пациентката ѝ била потребна.

„Ние не сме стручни да одредиме кој е виновен. Ние ја поднесовме кривичната пријава онака како што се одвиваше лекувањето, од првата до последната болница, го опишавме патот кој требаше да го помине мојата сопруга. Но, има вештаци и не сме ние тие вештаци. Сакаме Обвинителството да открие кој е виновникот и тоа со стручно медицинско вештачење”, објаснува сопругот на жената.

„Слободен печат” располага со севкупната медицинска документација, кривичната пријава против двајца лекари од Клиниката за онкологија и против самата институција. Документацијата „раскажува” што се случило. Цитолошки наод број 2311215 од 25 јануари 2018 година. Во него пишува дека пациентката која е наша соговорничка има „наод кој оди во прилог на карцином на дојка”.

„Цитолошки наод. Класификациона група 5. Во размаските од пунктатот идентифицирани се поединечни и групирани клетки со изразити карактеристики на малигнитет. Наодот оди во прилог на карцином на дојка. Потпис – Патолог доктор Билјана Огненоска-Јанковска.”

„Слободен печат” се обрати официјално до Клиниката за радиотерапија и онкологија со барање докторката да ни даде официјална изјава или писмено или лично. Прашањата ги испративме и на мејлот од болницата, а се однесуваа на тоа дека сакаме да ѝ покажеме на докторката наод на кој што стои нејзиното име и печат, а каде пишува дека пациентката имала наод кој оди во прилог на карцином, што после операцијата се покажало дека не е така. Сакавме да ја прашаме докторката за коментар околу оваа ситуација односно – медицински да ни каже зошто би било можно да се случи таков резултат. Сакавме да знаеме дали е возможно да се заменети резултатите со некоја друга пациентка, или нешто друго е во прашање.

Во телефонска изјава доктор Билјана Огненоска Јанковска ни рече дека е запознаена со случајот на пациентката.

-Знам за случајот детално, затоа што пациентката има поведено постапка и во Јавното Обвинителство и пред Лекарската комора. Во методологијата fine needle aspiration biopsy на цитологија, наодите се поделени од прва до петта група. Тоа кажува дали е бенигно или малигно. Прва и втора група се бенигни, трета е суспектна, четврта и петта група веќе одат накај малигно. Пациентката има конечна дијагноза од дијагностичката лабораторија Биопсија како маститис хроника со абцес. Но, во тие ситуации, кога има абцесни состојби, кога има мастит, имаме атипични, односно реактивно променети клетки кои што наликуваат на малигни. Аспирационата биопсија во светот има специфичност и сензитивност од 33 до 94 проценти и таа е само едно од помагалата во дијагностичката постапка на пациентката. Пациентката исто така има рентген, односно има мамографија, која исто сугерира исклучително малигно. Во мојот наод е регистрирано дека имало атипички клетки кои што се јавуваат при воспалителни процеси. Хирургот е тој што решава што поматаму. Хирургот ги отстранил дојките, регистрирано е воспаление кое било присутно. Патологот од дијагностичката лабораторија има земено само четири пресеци и ја нема дисецирано целата дојка туку само четири пресеци и врз основа на тие четири пресеци има напишано. Другата дојка е прва класификациона група и пациентката си ја вади на свое барање, за кое јас навистина не можам да кажам зошто е извадена втората дојка. Ние веднаш кога ќе се направи пункционата биопсија, клетките се ставаат на стакло, едното се бои по Папа Николау, во алкохол се става, а другото во Giemsa. Бројките кои се пишуваат на упатот се пишуваат и на стаклата. Не може да има никаква замена, не се чуваат во фрижидер, тоа е материјал кој се нанесува директно на стакла. Стаклата остануваат во оваа лабораторија според законот на Европската агенција за лекови до 30 години, ни рече доктор Огненоска Јанковска.

Според неа, пункционата биопсија е помагало, и не е дефинитивна.

-Дефинитивна е кор биопсијата. Ова е цитологија, само гледате клетки и врз основа на тие клетки може но не мора да значи. Хирургот одлучува што понатаму. Зашто тој го собира и рентгенолошкиот наод кој во нејзиниот случај исто така е петка, а мојот наод поради атипијата која што се јавува во случаи при воспаление е петка и тој решава да ја оперира. За другата дојка не можам да кажам зашто за другата дојка немам пишано петта класификациона група, ни рече докторката.

На прашањето дали маститис грануломатоза плазмоцитарија наликува на канцер, докторката вели дека тоа може да се случи, но ретко.

-Во секој случај, јас кога влегувам со иглата при пункциона биопсија, во некој дуктос кој е воспален и клетките се атипични поради што сум се посомневала на тоа. Плус сум го имала во позадина на мојот мозок секако и рентгенолошкиот наод кој ми сугерирал малигно и јас сум сакала на жената да се даде дијагноза да не се чека. Обично ги повторуваме тие пункции, но во овој случај јас не можам да кажам – се случило. Не можете на секого да ги повторувате пункциите, не е тоа практика. Лично одлучувам дали ќе се повтори или нема да се повтори. Нема регулатива, нема правилник според кој што треба да се водите од тој аспект, ни рече таа.

На прашањето дали доктор Огненовска Јанковска се согласува со пациентката дека ѝ е погрешно дијагностициран канцер таа одговори:

-Конечната дијагноза која пациентката ја добила, ја добила на хистопатолошкиот наод. На хистопатолошкиот наод нејзе не ѝ е дијагностициран канцер туку хронично грануломатозно воспаление. Додека сугерирањето од патологот и рентгенологот каде што се мислело, довело ете… Не може да е погрешно, зашто ви кажав, специфичноста и сензитивноста на оваа метода е од 33 до 92 проценти. Не е сто посто сигурна. И кога се пишува на наодот, се пишува „може да оди во прилог”, не пишува „тоа е бетон таа дијагноза”. И тоа е голема разлика, не е тоа игра на зборови. Разберете ме, дека има случаи кога пишува „тоа е карцином на града” каде што сум стопроцентно сигурна. Дополнителната метода наречена кор биопсија каде се зема парче ткиво, а не само клетки и е со 99 до 100 проценти специфичност и сензитивност – ако таму се погреши, тогаш е грешна дијагноза, смета докторката.

„Слободен печат” нема информации зошто на С.С не ѝ била направена и кор биопсија или зошто немало препорака за такво нешто.

-Искрено како луѓе, кога ќе добиете такво мислење, веднаш одат на хирург и веднаш одат да се оперираат, искрено ви го кажувам тоа, ова е Македонија. Додека во светот се практикува кор биопсијата во 95 проценти од случаите, ни рече доктор Огненовска Јанковска.

Таа пред година и половина била викната во Обвинителството и го образложила случајот.

-Легитимно е пациент да се пожали но жалам што пациентката не дојде кај мене за да седнеме и да поразговараме за случајот. Тоа единствено ми е жал во целиот овој случај, што не дојде да ги разграничиме работите, зашто дојде само писмо со кривична пријава од адвокатот. Не дојде ниту еднаш пациентката за да се објаснат работите. Зашто за втората дојка – јас не сум напишала петта група, јас не знам зошто решила да ја вади втората дојка. Тоа не е до мене. Се надевам дека нема да се прави голем случај од ова, јас сум човек како и вие што сте човек, додава лекарката, вработена на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Од рутински преглед до шок – дијагноза

На 18 јануари 2018 година С.С. со дијагноза бенигна мамарна дисплазија, дијагноза под шифра N60, била упатена од Клиничката болница во Тетово на Клиниката за онкологија во Скопје. Четири дена подоцна, на 22 јануари по извршена пункција во десната дојка е издаден наодот со број 2311215 кој оди во прилог на карцином на дојка, класификациона група 5. Со болнички упат од 30 јануари пациентката е упатена на Градна хирургија со напомена дека ќе биде известена по телефон по однос на операција. На 6 февруари пациентката направила магнетна резонанца на дојките и мамографија.

„Во десната дојка се следи неправилна нејасно демаркирана од околината ту формација која ирадира кон десната мамила. После ИВ даден контраст се регистрира хетерогена акумулација која во иницијална фаза покажува на места аптеик помеѓу 50 и 100 проценти, а на некои места над 100 проценти. Кривите реализирани над оваа формација се патолошки и wash in-wash out криви. Гетинген скор над промената изнесува шест поени”.

Медицинската литература го опишува Гетинген резултатот како стандардизирана алатка за споредбена мултифакторна евалуација на абнормалности на градите при магнетна резонанца. Алатката во книгите по медицина е претставена како интегрирање на повеќе критериуми кои ветуваат диференцијација меѓу малигни и бенигни лезии во градите. Лезијата може да се означи со резултат од 0 до 8, а пациентката од Тетово го добила резулатот 6, кој сигнализира малигнитет. Така и промената патолошки е верифицирана кај неа како да е канцер, по што ѝ се препорачува консултација со торакален хирург. И за левата дојка ѝ се препорачува консултација со торакален хирург.

Видно вознемирена, а поради потребата од итна интервенција поради добиениот резултат за рак на десната дојка од петти степен, С.С. веднаш се јавила во приватната болница Ремедика каде ѝ е извршена биопсија на левата дојка по препораката од рентген наодот и во таа дојка резултатот покажал дека во левата дојка има мастопатија и хроничен мастит, евентуално хроничен абцес поради некроза на масното ткиво, пишува во кривичната пријава. Жената таму се консултирала со професор доктор Андреја Арсовски, кој ја извршил операцијата водејќи се од наодот од Онкологија и отстранети ѝ се двете дојки на пациентката. Потоа во добра општа состојба со уредно завршена операција таа е испишана дома.

„Докторот немал причина да се сомнева во резултатот од државна Онкологија. Кај него само направив преглед на другата дојка и според резултатот во Ремедика немаше канцер таму. Сепак, се потпишав да ја отстранат и левата дојка, со оглед на тоа што мислев дека во десната има канцерогено ткиво”, вели нашата соговорничка.

После операцијата Ремедика го доставила ткивото од отстранетите дојки во дијагностичка лабораторија за цитологија и патохистологија за дополнителна анализа. При операцијата отстранети биле и лимфни жлезди од пациентката. По извршената анализа, патологот доктор Сашо Банев утврдил и напишал во извештај, дека нема знаци за малигно разраснување кај десната дојка, што според кривичната пријава значи дека „поради погрешно поставена дијагноза на оштетената без причина ѝ биле отстранети двете дојки и лимфните жлезди од десната аксила и со тоа трајно ѝ е нарушена здравствената состојба”.

„Дека оштетената никогаш немала рак на десната дојка и дека пријавените направиле грешка при читањето и изготвувањето на документите доказ се и резултатите од тумор маркерите на кои била упатена оштетената и тоа била упатена дури после направената операција за отстранување на двете дојки. Видно од резултатите за туморски маркери, оштетената немала ниту тумор ниту карцином”, пишува во кривичната пријава што преку адвокатките Кети Јандријеска Јованова и Павлинка Гичева Петкова била поднесена до Јавното Обвинителство Скопје уште на 22.10.2018 година.

Патот до медицинското вештачење е долг 4 ипол години

Нашата соговорничка С.С. вели дека на секоја врата која ја отворила и на која затропала, добила одговор дека нема право на инвалидска пензија, зашто не се лекувала од канцер.

-Ми велат да, ти си оперирана, ама си немала канцер.

Откако адвокатките Петкова и Јованова ја поднеле кривичната пријава, следел долг маратон на ургенции и пријави до Министерството за здравство и спората Лекарска комора.

Кривичната пријава е поднесена на 24.10.2018 година. После десетина барања за информации и ургенции следувала и претставка до Советот на јавни обвинители, во која адвокатките на С.С. навеле дека Јавното Обвинителство Скопје по поднесената кривична пријава не презело никакви дејства иако од нивна страна се поднесувани бројни ургенции и барања за увид во предметот. Советот на јавни обвинители во ноември 2020 година одговорил дека јавниот обвинител на кој му бил доделен предметот во работа презел процесни дејствија за да се проверат наводите во кривичната пријава. На почетокот на 2021 година, јавниот обвинител Ајсер Адеми ја известил една од адвокатките на С.С. дека Обвинителството од Лекарската комора побарало податоци за спроведување стручен надзор на пациентката на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

„Од ОЈО Скопје беа доставени две ургенции до Лекарската комора за доставување Извештај од спроведениот стручен надзор. Штом ќе го добиеме истото следува донесување јавнообвинителска одлука”, пишува во известувањето.

За потребите на оваа сторија „Слободен печат” се обрати до Јавното Обвинителство Скопје од каде добивме одговор дека во предметот за кој покажуваме интерес пристигнал извештајот за извршен стручен надзор од Лекарската комора.

„Надлежниот јавен обвинител издаде наредба за вештачење до Институтот за судска медицина. По приемот на вештиот наод, јавниот обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката”, ни одговорија од ЈО Скопје.

Крунскиот доказ е на скопска Онкологија, чека вештачење

Според информации на „Слободен печат” клетките кои што биле земени од пациентката С.С. со тенкоиглената пункција и врз основа на кои следувала итна хируршка интервенција, се наоѓаат на Клиниката за онкологија. Затоа адвокатките на оштетената побараа од Обвинителството да издаде наредба да се вештачат тие примероци кои се крунскиот доказ од кој ќе се види дали канцерот бил погрешно дијагностициран.

-Левата ја прегледа докторот, бидејќи беше итна ситуацијата. Верувајте јас кога излегов од Онкологија со таков наод, доколку можев да најдам лекар истиот ден ќе се оперирав. Мислев дека сум на работ меѓу животот и смртта и се беше итно. Барем така ме натераа да верувам. Така верувавме и сите дома во моето семејство. Преживеавме огромна голгота и траума, вие не знаете што беше тоа. Кога стигнав во Ремедика, докторот ја прегледа левата града и од неа земаа брис. Брисот беше негативен на канцер. Ми рече, ако сакаш ќе ја отстраниме и левата града, ако не сакаш нема. Јас се потпишав да ми ја отстранат и левата за да не бидам само со една. А докторот го прифати резултатот од Онкологија, тоа за него беше закон, зашто доаѓаше од Клинички центар, од државна здравствена установа. Зошто би правел одново тестови? За луѓето од Обвинителството имам едно прашање. Дали кога ова би се случило на нивните мајки, сопруги, сестри, би го држеле предметот во фиока или би постапувале поажурно? Се плашам дека предметот може да застари, затоа се решив да дојдам во медиум. Честопати се прашувам што би можела од ова да добијам освен повторно да поминувам низ истите трауми како што ми се случува последните години, ни рече С.С. на крајот од разговорот.

За случајот со С.С. запознаен бил и тогашниот министер за здравство Венко Филипче и тоа го покажува фактот што тој го проследил предметот до Лекарската комора уште на 5 март 2019 година. Министерството за здравство од Лекарската комора побарало извештајот што ќе го изготват да содржи задолжително констатирана состојба, евентуални недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажувањето на здравствената заштита, стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можните последици по здравјето на луѓето и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоците, неправилностите или пропустите и рокови за нивно спроведување. Што констатирала Лекарската комора во својот извештај за случајот, знае само Обвинителството, а не и адвокатките на ошетената кои не го добиле извештајот, иако би требале.

Постапка за овој случај покренал и Народниот правобранител.

Додека чека предметот да тргне од место, нашата соговорничка преживува тешки трауми.

-Духовно многу паднав. Многу сум револтирана, вознемирена. Јас здрава – права, сум имала маснотии, а ми кажаа дека имам канцер. Тоа бунило и тој шок, не знам како да го процесирам. Ние бевме едно нормално семејство, а јас бев една позитивна и весела личност. Петти степен некој да ти рече наеднаш, тоа е на границата меѓу животот и смртта. И ден денешен си мислам, дали на некоја друга жена ѝ ги дале моите резултати и таа се порадувала, а потоа починала? Од една страна среќа што немав канцер, а од друга страна, сум немала канцер воопшто. Од ништо не сум заштитена. Дури не можам ни пензија да земам на оваа неправда што ми ја направија, зашто сите велат – си немала канцер. Каде што отворив врати за пензија, секаде ми рекоа, не сум примала лекарства, не сум имала канцер иако сум оперирана. Ме примија во болница да се оперирам на роденденот, вели нашата соговорничка.

Кривичната пријава е заведена под КО 3712/18 за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно работење во службата против двајца доктори на Онкологија и против самата клиника.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот