Текстилните работници добија нов патрон, ќе се формираат и гранкови синдикати

Здружението „Гласен текстилец“ ќе си продолжи со работа, додава Ампева, која е горда и задоволна од пројавениот интерес за зачленување на работниците од целата земја. Наскоро ќе се отвори и апликација за зачленување во новиот синдикат

Формиран е Гласен синдикат на работниците, кој првенствено ќе се бори за работничките права во текстилниот сектор, со цел во иднина да се формираат и други гранкови синдикати во приватниот сектор, информира за „Слободен печат“, претседателката Кристина Ампева. Според Ампева, конечно по макотрпна работа и вложени напори го основале Синдикатот, кој добил потпис од ресорниот министер за труд и е заведен во Централен регистар. Здружението „Гласен текстилец“ ќе си продолжи со работа, додава Ампева, кој е горда и задоволна од пројавениот интерес за зачленување на работниците од целата земја. Таа најавува наскоро и отворање на апликација за зачленување во новиот синдикат.

– Нам ни се важни работниците и затоа во иднина неуморно ќе се бориме за сите неправилности сторени врз нив, ќе се обидеме да одговориме на сите сторени неправди и непочитување на работничкиот труд. Заврши времето на жолтите синдикати кои беа „слепи“ и глуви“ за проблемите на работниците. Гласен синдикат на работниците е новата реалност, која на работниците им е потребна. Гласен синдикат секогаш ќе се бори гласно и секогаш ќе биде рамо до рамо со работникот. Затоа ги повикуваме сите работници од приватниот сектор да ни се приклучат и целосно да ни ја дадат довербата бидејќи ќе направиме промени кои до сега биле само ветувани – поентира Ампева.

Како здружение кое е основано од работници, работнички и активисти за човекови права, од 2017 година „Гласен текстилец“ се обидуваше да ја отвори темата за ниските плати, мобингот и лошите услови за работа на текстилните работници, истакнува досегашната претседателка, која и самата е поранешна текстилна работничка. Таа во разговор за нашиот весник, објаснува дека како здружение имале посебна сатисфакција од покачувањето и изедначувањето на минималната плата за сите, од која било гранка и сектор, бидејќи во тоа успеало едно мало штипско здружение без никакви финансии и речиси никакви ресурси, но поддржани од работниците. Но, сепак вели дека Здружението секогаш се стремело да постигне и повеќе и затоа размислувале кон формирање синдикат.

-За разлика од синдикатот, ние не можевме да влеземе во фирмите, да преговараме и договараме на самото место со самите работници наспроти работодавачите. Не можевме да правиме колективни договори, а со моменталниот потпишан од ССМ и од ОРМ, законски ви е, на пример, исплатата од 100 денари на име К-15. Тоа не би се случило кога ние би биле оние што ќе го потпишуваат Колективниот договор за стопанството. Ние и досега лекувавме грешки на синдикатот, наместо да спречиме и ги унапредуваме правата преку тие колективни договори. Затоа одлучивме да формираме синдикат. Синдикат за сите работници, и за оние од јавниот и од приватниот сектор. Синдикат што нема да „седи во ничиј скут“, а ќе се бори за работниците, нивните права и достоинствени плати – вели Ампева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот