Талибанците му се приближија на Кабул

Талибанско знаме на границата со Пакистан/ Фото: EPA-EFE/AKHTER GULFAM

Тие беа тука 20 години. Што ќе направат сега што не направија за 20 години – реторички одговара пакистанскиот премиер Имран Кан, на прашањето дали е возможно американската војска да започне нова војна со талибанците

Талибанските сили во Авганистан ја презедоа контролата врз градот Газни, 150 километри од престолнината Кабул.

– Можам да потврдам дека Газни падна во рацете на талибанците. Тие ја преземаа контролата врз клучните области на градот, како канцеларијата на гувернерот, седиштето на полицијата и затворот – изјави Насир Ахмад Факири, претседавачот на советот на провинцијата. Потврда за освојувањето на градот стигна и од талибанските извори.

Во рацете на талибанците се 10 од вкупно 34 провинциски главни градови во Авганистан. Газни е најблизок до Кабул, па сега се поставува прашањето во кој момент талибанците ќе тргнат во напад кон метрополата и колку време и ресурси ќе им бидат потребни за да ја освојат?

Американските разузнавачки податоци укажуваат дека талибанците би можеле да го изолираат Кабул за еден месец и да го освојат за 90 дена, посочи неименуван претставник на американското Министерство за одбрана.

Талибанците освоија осум провинциски главни градови во Авганистан за шест дена, со брзина што ги изненади американските власти и сега контролираат 65 проценти од авганистанската територија и се закануваат дека ќе освојат уште 11 провинциски центри.

Американската разузнавачка заедница до минатиот месец предупредуваше дека авганистанската влада може да падне за помалку од шест месеци. Американски официјален претставник, кој сакаше да остане неименуван, рече дека новата процена е направена откако талибанците освоија големи делови од Авганистан со изненадувачка брзина.

– Но, тоа не е конечниот заклучок – рече тој, нагласувајќи дека авганистанските сили имаат шанса да го запрат продорот на талибанците.

Мали се шансите за дипломатско решение

Прашање е и дали е возможно да се издејствува примирје на дипломатски начин, откако пакистанскиот премиер Имран Кан посочи дека талибанските лидери нема да преговараат со авганистанската Влада се додека Ашраф Гани е претседател на земјата.

Кан кажа дека е тешко да се дојде до политичко решение за конфликтот под сегашните услови.

– Се обидов да ги убедам талибанците на мирно решение пред три или четири месеци кога беа тука. Тие ми порачаа дека се додека Ашраф Гани е таму, ние (талибанците) нема да разговараме со авганистанската Влада – посочи Кан.

Претставници на голем број земји, вклучувајќи ги и САД, во моментов се во Доха и разговараат за прекин на огнот до 31 август, кога официјално ќе заврши повлекувањето на странските сили од Авганистан.

Пакистанскиот премиер додаде дека верува оти авганистанската влада се обидува да ги убеди САД да се вратат и повторно да интервенираат.

-Тие беа тука 20 години. Што ќе направат сега што не направија за 20 години – прашува Кан.

Талибански режим

Странските медиуми објавуваат извештаи за строгиот режим на талибанците во новоосвоените територии, кој неретко се обезбедува со имплементација на брутални мерки.

Талибанците ги демантираат наводите дека нивните локални претставници наметнуваат какви било верски закони и наметнувања, посочувајќи дека тие единствено ги советуваат жителите да живеат според нивните обичаи.

– Ние само ги советуваме жените во јавност да се појавуваат покриени – вели високопозициониран припадник на талибанското движење од градот Балк.

Сепак, според локалните жители, на територијата контролирана од талибанците тешко дека може да се видат девојчиња без придружба, а на таксистите им е советувано да не превезуваат жени доколку не се целосно покриени.

Офанзивата на талибанските сили започна со повлекувањето на американските трупи од Авганистан, следени од нивните сојузници. Во последните 20 години во земјата постојано беше присутно силно воено меѓународно присуство, како поддршка на владините сили што постојано беа во судир со талибанците. Сепак, ниту две децениските напори на САД и многубројните сојузници од НАТО не вродија со плод и Авганистан повторно е во опасност да се најде во рацете на лидерите на талибанското движење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот