СЗО ГО ВКЛУЧИ АЛАРМОТ: Балканот прогласен за светско жариште, Македонија задоволна со „стабилноста“!?

Скопје, лето 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Светската здравствена организација го вклучува алармот за опасност од ширење на ковид-19 на Балканот прогласувајќи го за ново жариште на епидемијата. Во СЗО сметаат дека движењата поврзани со летните одмори придонесоа за зголемување на бројот на заболени во балканските држави. Нашите епидемиолози објаснуваат дека жаришта има и во други европските држави како и тоа дека ситуацијата кај нас состојбата е најстабилна, споредено со другите земји на Балканот.

СЗО изјави дека Балканот е сега во фокусот на вирусот, и како последица на тоа, Хрватска е ставена на англискиот карантински список, почнувајќи од денес.

Претставниците на СЗО изјавија дека „Балканот ги загрижува од почетокот на јуни“, поради големиот прилив на туристи во овие области и големото зголемување на бројот на заразени случаи. Се стравува дека туристите кои се рашириле на Балканот ќе ја шират инфекцијата понатаму. Хрватска беше прва од регионот која заврши на „црвените списоци“, а на британските граѓани ќе им се советува да не патуваат таму, освен во итни ситуации и дека по нивното враќање ќе ги чека двонеделен карантин. Бројките растат и во Грција, но но сè уште не се драматични, велат од СЗО.

„Ситуацијата на Балканот нè загрижува уште од почетокот на јуни, кога видовме дека бројот на случаи расте“, коментираат од СЗО.

Прим. д-р Александар Стојанов, кој е и член на Комисијата за заразни заболувања, вели дека не само на Балканот, туку и на други места во Европа има жаришта.

– Тука се пред се Шпанија и Франција, каде има и по 3.000 случаи дневно. Не треба се да се зема секое тврдење здраво за готово. СЗО тврдеше дека не треба да се затворат границите, па се затворија, а велеше и дека не треба да се носат маски, па после се смени ставот. Од цел Балкан ние сме најстабилни. Во Хрватска најмногу растат бројките, Косово исто така има високи бројки, во Србија почнаа да се намалуваат – вели Стојанов.

Во Германија, вели тој, најмногу позитивни на ковид кои доаѓаат од странство се од Турција и Косово, ние сме дури на 92 место.

– За ситуацијата во Хрватска, не мора да значи дека странците таму се заразиле, може и тие да го донеле вирусот – објаснува Стојанов.

Во Србија вкупниот број на заболени изнесува 30.209 од кои 689 починале. Во Хрватска од ковид-19 заболеле 7.329 а починале 168. Во земјава вкупната бројка на заболени се искачи на 13.194, а починати се 554 пациенти. Во Франција бројот за заболени изнесува 229.814, а бројот на починати 30.840.

Од Министерството за здравство објаснуваат дека во моментов состојбата со коронавирусот во земјава е стабилна.

– Ние во ниту еден момент немавме пренатрупани болници или пациент да не може да биде сместен заради тоа што нема место. Такво беше италијанското сценарио, кое не смееме да дозволиме да ни се случи. Ние мора да се подготвуваме за полоши сценарија, но ако доследно се придржуваме до мерките за заштита – маска, дистанца, хигиена може да превенираме истите да не се случат. Примената на мерките за лична заштита освен од корона вирусот ќе спречи трансмисија и на другите респираторни вируси“, велат од МЗ.

Следната недела треба да се финализира планот за, доколку се јави потреба, евентуални таргетирани мерки во општина, регион или град, согласно епидемиолошката состојба. Ако во некој град процентот на позитивни отскокнува од бројот на направените тестови, односно ако има експоненцијален раст на новозаразени, има нејасна епидемиолошка поврзаност, тогаш предвид доаѓаат рестрикции за работното време на рестораните, или пак целосно ќе се забранат собири, или пак во период од недела или две ќе нема комуникација со транспорт и јавен превоз, за местото да се изолира целосно. Значи мерките ќе се таргетирани, со цел да нема проширување на национално ниво во цела држава.

– Но, не е само бројката индикатор, туку и целата епидемиолошка слика, а таа се добива од анкетите и прашалниците. Доколку утврдиме дека има голем ризик за одреден регион, тогаш ќе се аплицира планот – објаснуваат од Министерството за здравство.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот