Илустрација: „Слободен печат“/ Елисавета Бејкова
Илустрација: „Слободен печат“/ Елисавета Бејкова

„Свежата крв“ во судиска тога – да доаѓа од стручните соработници

Во жижата на тирадата негативни оценки за правосудството од страна на извршната власт, Собранието го измени Законот за работни односи. За да го реши недостигот на судии и јавни обвинители, законодавниот дом со измени во Законот за работни односи им дозволи на судиите и на јавните обвинители, со лична изјава, наместо на 64 години да се пензионираат на 67 години. Ваквото право судиите и обвинителите го имаа и до сега, ама не беше регулирано во Законот за работни односи, туку во „лекс специјалис“ законите што ги регулираат нивните дејности. Решението за некои од експертите што ги консултираше „Слободен печат“ е добро, а за други е само привремен фластер што се лепи врз рана која длабински крвари и наскоро ќе треба вистински да се санира, а не само со купување време.

Пратениците што го предложија сега веќе изгласаниот закон (по скратена постапка), образложиле дека така очекуваат „брзо и времено надминување на проблемот со недостиг на судии и јавни обвинители и подобрување на судските постапки како и пристапот до правда на граѓаните“.

Но, не сите се согласуваат со начинот на кој се бираат судиите во државата.

-Академијата за судии и јавни обвинители е промашување. Треба да се укине. Судиите треба да се бираат од редот на стручните соработници. Тие се најспособните луѓе, а бирањето партиски кандидати и партиски судии не е добро. Дали знаете колку стручни соработници не можат да влезат во Академијата и да конкурираат за судии? Отсекогаш сум бил против начинот судиите да се бираат преку Академијата, бидејќи тоа не донесе добри кадри и не му донесе ништо добро на судството. Добрите кадри си останаа во судовите бидејќи не беа по партии. Треба да се дефинира што е тоа „истакнат правник“ во Законот и од тие кадри да се бираат судиите, а не во Академијата. Советниците и стручните соработници се столбот што го држи судството, изјави за „Слободен печат“ поранешниот претседател на Врховниот суд и долгогодишен судија Дане Илиев.

Според Илиев, добро решение е да се продолжи возрасната граница за пензионирање на судиите кои сакаат да работат до 67 години.

-Тоа е добро решение бидејќи има недостиг на кадар, а тие години се искуствени години и може да се само добро решение во делот на судството. Оние што мислат дека се здравствено способни, ќе поднесат барање, додава Илиев.

Професорот по римско право и пратеник во Собранието од „Левица“ Димитар Апасиев, за „Слободен печат“ вели дека не треба на судиите да им се дава правото да имаат продолжен мандат до 67 години, затоа што има други решенија и начини за судството да се упристои.

-Има поспособни луѓе, кои што се советници во судската служба по 20 години и можат да ги заменат судиите. Реално тие работат огромен дел од работата. Сум имал случај каде дактилографката му го кажува членот од законот на судијата, а овој не го знае. Кога би се прошириле, кога би се отвориле критериумите, би можело и адвокатите да бидат судии. Според мене, дел од повозрасните судии прават грешки, не читаат пресуди од Стразбур (кои се изворно и задолжително право) затоа што не знаат англиски. Статистички, најкорумпирани се пред пензија зашто знаат дека додека да ги разрешат веќе ќе бидат пензионирани. И конечно, треба „свежа крв“ во судството, смета Апасиев.

Тој додава дека ова не е начинот за правење коренити реформи во правосудството кое што толку многу е критикувано од извршната власт и од премиерот Христијан Мицкоски.

-Овој ли е начинот, нешто што го критикуваш, да го подобриш? Овој начин е како нешто што во фрижидерот ти е мувлосано, да го оставиш внатре да ти ја скапе и другата храна во фрижидерот. Имајте предвид, дека новите судии имаат ментори. Овде има тенденција на коруптивна инфекција, односно ков на судии кои ќе бидат ментори на новите и ќе ги научат на нови коруптивни практики, додаде Апасиев.

Апасиев смета дека принципиелните кандидати честопати не се бирани, во сите области од животот, затоа што ќе наметнуваат високи стандарди на ред и работна дисциплина. Во минатото бил приврзаник на тоа судиите да ги бира фелата, ама тоа кај него се променило кога видел дел од кадрите што биле избрани.

-Нема универзален модел, ама треба да се дефинира што е тоа „истакнат правник“. Не може сега секој што завршил Правен факултет да биде „истакнат правник“. Треба критериуми. И многу е важно, тоа што во Македонија судискиот имунитет е уставна категорија, спротивно на југословенскиот модел. Во Југославија мандатот бил 9 години, после што следува оценување на судијата. После оценувањето, или оди во Апелација или во адвокатура. А кај нас, на 30 години го избрале, па до 64 тера, а сега еве и до 67 години, ни изјави Апасиев.

Дарко Аврамовски, извршен директор на „Коалиција сите за правично судење“ за „Слободен печат“ вели дека продолжувањето на мандатот на судиите по нивно барање до 67 години е само привремено решение со кое се купуваат 3 години во кои мора да се направи долгорочна стратегија за судството.

-Потребна е долгорочна стратегија за регрутирање на судии бидејќи имаме повеќе судии што се пензионираат отколку што продуцира Академијата како нов кадар. Ако се дозволи пензионирање на 67 наместо на 62 години (за жени судии), не значи дека тие се должни да го направат тоа и прашање е колку од нив ќе го направат тоа. Во ред е како мерка, но е многу мал чекор, со ограничено дејство и време на траење, смета Аврамовски.

Тој е на мисла дека две работи се клучни за реформа во судството – да се зголеми буџетот на судството и на јавното обвинителство и да се зголемат капацитетите на Академијата. Но, не помалку важно, смета Аврамовски е да се вклучат и средните училишта и факултетите во промоцијата на правото како професија.

-Најдобрите средношколци си заминуваат, а конкуренцијата за избор на судии и обвинители е ограничена. Треба да се испопуларизира правната професија, зашто ваквата моментална репутација – ќе ги одбива студентите да стануваат судии и јавни обвинители, додаде директорот на „Сите за правично судење“.

Како што констатирале и пратениците во Собранието што предложиле судиите и јавните обвинители да имаат можност до 67 години да работат, Македонија се соочува со голема недоверба во правосудниот систем. Проблемот зошто судските постапки се неефикасни, го лоцирале во недостигот на судии и јавни обвинители. Тие навеле дека ако се помести границата на 67 години „ќе се подобри ефикасноста на судската постапка и пристапот до правда за граѓаните“.

Имено, моменталниот број на судии и јавни обвинители кои ја извршуваат соодветната функција е речиси двојно помал од она што е предвидено како потребен број на судии и јавни обвинители согласно подзаконските акти на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

Судскиот совет во првата половина од 2024 година изготвил анализа на потребните судиски места при што евидентиран е огромен недостаток на судии. Утврдено е дека од потребните 434 судии во моментот се пополнети 274 судиски места. До крајот на 2024 година се пензионирале 11 судии а до крајот на 2025 година ќе се пензионираат 15 судии и до крајот на 2026 уште 14 судии односно до крајот на 2026 ќе се пензионираат вкупно 40 судии. Со ова дополнително се загрозува состојбата во судството. Во одредени градови како Крушево и Берово нема ниту еден судија.

Во извештаите за евалуација на правосудните системи на државите членки на Советот на Европа изготвена од страна на Европската Комисија за ефикасност на правдата (СЕРЕЈ) забележан е трендот на намалување на стапката на решени предмети како и зголемување на стапката за потребни денови за решавање на предметите во граѓанските, кривичните и управните предмети во државата. Според Извештајот за Македонија за 2024 година на Европската Комисија, зголемениот дефицит на човечки ресурси во правосудството предизвикува загриженост за влијанието врз квалитетот и ефикасноста на правдата.

Состојбата со кадарот во јавното обвинителство е значителн полоша. Бројот на јавните обвинители според систематизацијата треба да е 287 а пополнети се 183 места. Во Крива Паланка, Ресен, Берово, нема ниту еден јавен обвинител.

Притоа, за да се пополнат празните места во судовите и јавните обвинителства според одредбите на Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство, за судија на основен суд и јавен обвинител во основно јавно обвинителство, може да биде избрано лице кое ја завршило потребната обука на Академијата за судии и јавни обвинители. Процесот за влез во Академијата, обуката, полагањето на испити и изборот во праксата трае неколку години.

Ниедна власт не сака силно, туку послушно и немоќно Обвинителство зависно од полицијата

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот