Познат кардиолог тврди дека луѓето наскоро ќе живеат до 150 години! Ова е клучната возраст кога треба да се бориме против стареењето

Фото: Профимедиа

Доктор Ернест фон Шварц, научник и специјалист по каридологија, кој живее и работи во Америка, неодамна за „Њујорк пост“ истакна дека до крајот на овој век ќе биде сосема нормално човек да живее и до 150 години! Не само што ќе се продолжи животниот, туку и работниот век, а Фон Шварц истакнува дека човештвото до оваа точка ќе дојде благодарение на матичните клетки и брзиот напредок на ова поле.

Д-р Фон Шварц тврди дека има само еден недостатокматичните клетки не можат сами да ја завршат целата работа!

Всушност, доколку сакате да извлечете вистинска корист од овој третман, треба да водите и здрав начин на живот – редовно да вежбате и да се храните здраво. Тој истакнува дека човекот веќе на 30-годишна возраст треба да усвои здрав начин на живот и со тој начин да продолжи.

„Верувам дека можеме да го продолжиме човечкиот животен век. За неколку години ќе можеме да кажеме дека луѓето ќе живеат до 120, до 150 години, ако не и подолго од тоа. И тоа не само како луѓето кои се врзани за кревет и не можам да водат активен живот, туку како активни личности кои можат да учествуваат во општествениот и професионалниот живот и да имаат висок квалитет на живот. Тоа е и целта“, вели овој научник.

Неговите тврдења навистина делуваат нереално, особено ако се земат предвид фактите дека единствената личност за која официјално е потврдено дека живеала повеќе од 120 години е Французинката Жан Калмен – таа почина во 1997 година на 122-годишна возраст. Сепак, Фон Шварц нагласува дека во моментов се случува револуција во медицината и дека интензивно се работи на регенеративната медицина, во која главно се користат терапии со матични клетки.

Фон Шварц истакнува дека бројни славни личности соработуваат со него и се подложуваат на третмани на подмладување на лицето, особено пред големи настани како што се доделувањата на Оскар или Еми.

„Ние им вбризгуваме матични клетки во лицето и тие блескаат. Процесот ги поправа површните оштетувања на кожата и го регенерира колагенот на лицето. По неколку дена тие изгледаат 5 до 10 години помлади“, тврди овој научник, но не сака да именува кои ѕвезди се во прашање.

„Терапиите со матични клетки се сметаат за најважното откритие во модерната медицина, веројатно поголемо од откривањето на пеницилин или откривањето на бактериите на туберкулоза“, вели Фон Шварц.

Засега, американската Администрација за храна и лекови одобрила само еден вид терапија со матични клетки и тоа за пациенти со рак на крвта, но овој научник тврди дека времето за овие третмани допрва доаѓа.

Лекарот истакнува и дека матичните клетки не се чудо – ним им е неопходна помош од самиот човек; односно тој инсистира на медитеранска исхрана, редовно вежбање и откажување од токсичните навики како што е пушењето.

„Препораката е да вежбате пет дена во неделата, од 150 до 300 минути неделно, што е 30 до 60 минути дневно – тоа е она што ние би го нарекле вежбање со умерен интензитет. Една неодамнешна студија покажа дека ако го удвоите, двојно го зголемите препорачаното темпо со вежбање, можете да го продолжите животот за седум години“, вели тој и нагласува дека ако сакаме да го вратиме часовникот наназад, веќе на 30 години мора да почнеме да се бориме против стареењето.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот