Светски ден на театарот за деца – Театарот е убавина која им ја должиме на децата

Плакат за Светскиот ден на театарот за деца - 20 март

Денеска ширум светот се прославува Светскиот ден на театарот за деца, 20 март. По тој повод, Националниот центар АСИТЕЖ Македонија, преку претседателката Јулијана Мирчевска, актерка, ја упати националната порака до сите големи и мали деца, во која порачуваат: „Одведи го детето на театар, или театарот однесете го до секое дете“.

Пораката по повод Светскиот ден на детските театри 20 март од претседателката на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ, м-р Јулијана Мирчевска ја објавуваме во целост.

– Иднината им припаѓа на децата, а нам, должноста кон нив сега, овде и секојдневно да им овозможиме театар.

Членот 13 од конвенцијата на ОН за заштита на правата на децата вели:

„Детето има право на слобода на изразување која ја опфаќа и слободата да бара, да прима и да дава информации и идеи од сите видови, без оглед на границите, било усно или писмено, преку печатот, уметноста или друг медиум по избор на детето.“

Театарот е слобода на изразувањето, креирањето. Театарот е љубов. Театарот е свет без граници, како детската креативност, детската фантазија и чиста љубов која како никогаш до сега, ни е потребна.

Должни сме да им дадеме слобода на изразување и простор каде имагинацијата е реалност, а каде емоцијата не е слабост. Да видат, да слушнат, да почувствуваат сѐ околу себе и во себе.

„Одведете го детето на театар, или театарот однесете го до секое дете“

На ова би додала: „Вклучете го секое дете во создавањето театар“.

м-р Јулијана Мирчевска, претседателка на Националниот центар АСИТЕЖ Македонија

Гледањето претстави или впуштањето во процесот на создавање театарска претстава ќе им помогне на децата не само да го осознаат светот туку да се осознаат и себе си. Детството, најубавиот период од животот кога се формираат идните „големи луѓе“ е период во кој треба да ги насочиме децата, да им овозможиме возбудливи доживувања, одговори на многу животни прашања, но и да создадеме индивидуалци со вистински вредности. Секој театарски работник и секој уметник да се посвети повеќе на создавање дела за деца или работа со децата. Театар за секое дете од градските и руралните средини.

Децата се нашата иднина, а за да имаме убава иднина треба да се вложиме денес. Театарот е убавина која им ја должиме на децата.

Нека ни е честит 20 Март Светскиот ден на детските театри! – стои во пораката на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот