Судир на новогодишниот оптимизам и пандемиските трауми во Кина

Кинеска нова година ?Фото Noel CELIS / AFP / Profimedia

Масовната миграција спроти празниците за Лунарната нова година ќе го пренесе вирусот од градовите до најзафрлените провинции. Тоа би било особено опасен развој на настаните, бидејќи жителите на руралните населби далеку од урбаните центри, главно стари и осамени луѓе чии деца работат по градовите, немаат брз пристап до лекови, медицинска грижа и болнички кревети

Кинезите тргнаа на традиционалната новогодишна миграција охрабрени од укинувањата на сите пандемиски мерки за изолации и задолжителни тестирања, но и загрижени дека токму укинувањето на мерките ќе го прошири вирусот низ целата земја, практично до сечиј дом.

Откако властите ги променија критериумот за регистрирање пациенти и починати лица од ковид-19, само се нагаѓа колку луѓе се заразени и колкумина умираат секој ден. Локални експерти предупредуваат дека масовната миграција спроти празниците за Лунарната нова година ќе го пренесе вирусот од градовите до најзафрлените провинции. Тоа би било особено опасен развој на настаните, бидејќи жителите на руралните населби далеку од урбаните центри, главно стари и осамени луѓе чии деца работат по градовите, немаат брз пристап до лекови, медицинска грижа и болнички кревети.

По напуштањето на политиката „нула ковид“ Кина ја удри силен бран од ковид-19, додека пандемијата бавно ја губи битката во другите делови на светот, каде што населението преку досегашните низа бранови на заразата и преку организирана вакцинација стекна пристојно ниво на колективен имунитет. Уште пред календарската Нова година во Кина веројатно имаше и по милион новозаразени лица на ден. Ѕенг Гуанг, поранешен главен епидемиолог во кинескиот Центар за контрола и спречување болести, предупредува дека врвот на бранот сѐ уште не поминал.

– Нашиот приоритетен фокус е на големите градови. Сега е време да се фокусираме на руралните региони. Во селата здравствените установи се стари и слабо опремени, а луѓето се посиромашни, постари и помалку здрави – истакнува Ѕанг.

Светската здравствена организација забележува дека кинеските власти пријавуваат далеку помалку починати лица од ковид-19 во споредба со реалната ситуација, но додаваат дека Пекинг сега споделува повеќе информации за заразата. Кинеските здравствени власти веќе еден месец јавуваат за по пет или помалку починати лица на ден од коронавирусот во целата земја. Од минатиот понеделник не е регистриран ниту еден смртен случај од ковид-19. Вкупниот број починати лица од почетокот на пандемијата е нешто над 5.000, а меѓународни експерти предупредуваат дека само во текот на оваа година пандемијата може да однесе повеќе од 1 милион животи во Кина.

Укинувањето на мерките се поклопи со новогодишните празници, кои секоја година се најмасовната миграција на луѓе низ светот. Од 8 јануари, кога беа укинати задолжителните мерки за патувања, секој во Кина пристигнуваат или заминуваат просечно по половина милион луѓе, односно 26 отсто од вообичаените патувања во времето пред пандемијата. За време на празниците се проценува дека ќе има повеќе од 2 милијарди патувања.

На железничките станици и аеродромите Кинезите се збунети. ПЦР тестовите сѐ уште се задолжителни за да се резервира лет во странство, како и за патниците што доаѓаат во Кина. Тие треба да пополнат здравствена декларација, по што добиваат привремен код, без кој не може да се помине преку контролните точки на аеродромите. Овие мерки Кинезите ги толкуваат како големо ослободување, бидејќи досега патувањата беа строго контролирани, а за оние што влегуваа во земјата задолжителен беше превентивен престој во карантин.
Од друга страна, се зголемува бројот на граѓани што тагуваат за свои роднини и пријатели што не го издржале силниот удар на коронавирусот.

Жена од Пекинг на која ѝ починала свекрвата му се пожалила на репортерот на Би-би-си на многу маки поради лошата организација. Кога старата жена се разболела, „невозможно“ било да се обезбеди возило на итна помош што би ја транспортирало до болница. Кога починала, нејзиното тело било оставено меѓу многу други на под во импровизирана мртовечница.

Семејството по дури една недела едвај резервирало термин во крематориум, а сѐ уште чекало за да обезбеди место за урната со пепелта на градските гробишта.

Желбата за споделување на радоста со семејството на пречекот на Годината на зајакот, сепак, е посилна од стравувањата дека со посета на семејствата се загрозува нивното здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот