Стравувајќи од победа на Трамп, Европа настојува да ги забетонира санкциите за Русија
Европските лидери стравуваат дека со Трамп назад во Белата куќа, Вашингтон би можел да побара омекнување на санкциите против Русија, што би ја ставило Европа во тешка позиција самата да ги спроведува казнените мерки
Стравувајќи од можна победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и пресврт во политиката на Вашингтон, европските земји прават напори за да ги зацврстат санкциите воведени против Москва поради руската инвазија врз Украина.
Препорачано
Функционери на Европската Унија разгледуваат неколку иницијативи за да се обезбеди долгорочен притисок за изолација на Москва, особено за строга контрола на бродската трговија. Дипломатски извори на Ројтерс во Брисел тврдат дека се водат и дискусии за промена на правилото на секои шест месеци да се обновува замрзнувањето на сметката на Руската централна банка, што се смета најстрога од сите санкции што Западот ѝ ги воведе на Москва.
Европските лидери стравуваат дека со Трамп назад во Белата куќа, Вашингтон би можел да побара омекнување на санкциите против Русија, што би ја ставило Европа во тешка позиција самата да ги спроведува казнените мерки.
– Експерти подготвуваат автономни европски санкции, но ќе мора да најдат решение за нивното спроведување, ако се промени политиката на САД. Ако претседателството на Трамп ги поништи американските санкции за Русија, Европејците ќе мора да ги напрегнат повеќе мускулите, бидејќи при спроведувањето повеќе нема да може да се кријат зад Вујкото Сем – вели Том Китинџ од британскиот Кралски институт за обединети служби.
Европските земји беа изненадени кога во мандатот на Трамп, САД отстапија од договорот за иранската нуклеарна програма и еднострано му воведоа санкции на Техеран. Трамп во кампањата упорно најавува дека ако победи на изборите целосно ќе ја укине или драстично ќе ја забави воената помош од Америка за Украина. Тој вели дека како претседател „брзо би ја завршил војната“, па дури и го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека „го испровоцирал конфликтот“.


