Странските банки што останаа во Русија профитираа во 2024 година
И покрај сложените услови за работење во Русија и глобалниот притисок врз странските компании да се повлечат, останатите странски банки и одредени компании продолжуваат да остваруваат значителни профити
Во првите девет месеци од 2024 година, странските банки што останаа активни во Русија забележаа нето добивка од 210,9 милијарди рубљи (околу 2,3 милијарди американски долари).
Препорачано
Според податоци на Институтот KCE, ова претставува зголемување од 30 отсто во споредба со истиот период во 2023 година. Иако нивниот удел во вкупните средства на рускиот банкарски систем е намален на 2,4 отсто, банките оствариле 8 отсто од вкупната добивка на банкарскиот сектор во земјата.
Меѓу странските банки „Рајфајзен“ ја оствари најголемата добивка од 107,3 милијарди рубљи (приближно 1,2 милијарда долари), што претставува 4,08 отсто од вкупната добивка на рускиот банкарски систем за првите девет месеци од оваа година. Други значајни профити остварија банките ИКБК (25,5 милијарди рубљи или 283 милиони долари), ОТП (22,5 милијарди рубљи или 250 милиони долари), Банката на Кина (9,9 милијарди рубљи или 110 милиони долари) и Кредит Европа (12 милијарди рубљи или 133 милиони долари).
Иако некои странски банки се профитабилни, три големи финансиски институции – Јуникредит, Ситигруп и Џеј Пи Морган Чејс во текот на оваа година целосно го затворија своето работење во Русија или се во процес на повлекување. Ова повлекување доведе до намалување на средствата на странските банки, но нивниот нето профит продолжува да расте, што ги прави и понатаму попрофитабилни во споредба со локалните финансиски институции.
На рускиот пазар моментално работат 2.223 меѓународни компании, од кои 1.367 од нив ја намалуваат својата активност, а 452 веќе целосно ја напуштија земјата.
И покрај тоа што беше национализирана компанијата „Карлсберг“ ги продаде своите средства во Русија на локалната компанија „ВГ инвест“ за 320 милиони долари, што е приближно една третина од проценетата вредност. Ова покажува како странските инвеститори и понатаму настојуваат да се повлечат од земјата, но често со финансиски загуби.


