Странците ќе го земат кајмакот, ќе има ли „багер револуција“ пред Влада?

Од државата ќе се излеат 1,9 милијарди евра кон странски компании и работници, а само 80 милиони евра кон домашните градежници, предупредија синдикалците и работодавачите од секторот

Македонските градежници не му веруваат на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, дека 51 отсто од работите на делниците на Коридорите 8 и 10Д, ќе ги вршат домашни компании, оти така се ветувало и порано, па грешките при градењето ќе ги плаќаат идните седум поколенија (патот Кичево-Охрид). И работодавачите и синдикатите од овој сектор се децидни дека знаат да проектираат, да изведуваат и да градат, но не е фер што странците го земаат кајмакот, а домашните градежници копаат дупки. Поразителен е фактот што домашните компании се се помалку присутни на домашниот пазар, особено кога станува збор за јзначајните капитални проекти во патната и железничката инфраструктура. Имајќи предвид дека најголемите идни проекти се донесуваат на Коридорите 8 и 10Д, а кои ќе се реализираат со странскиот стратешки партнер, за очекување е дека доследно ќе се почитува ангажманот на минимум 51 отсто локални ресурси, што е во согласност со усвоената и ратификувана Конвенција 94 на Меѓународната организација на трудот. Оттука, Иван Пешевски, претседател на градежниот Синдикат и Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при СКМ, едногласно бараат итен прием во Владата да се разговара за според нив „безобразниот договор“ со „Бехтел и Енка“, а се заканија дека ќе ги искористат сите можности, па освен работниците, на „Илинденска бб“, ќе ја донесат и механизацијата.

Од државата ќе се излеат 1,9 милијарди евра кон странски компании и работници, а само 80 милиони евра кон домашните градежници. Не е исто да бидете главен изведувач или подизведувач. Така не можеме да се стекнеме со референци за странските тендери. Немаме информации за договорот, ниту за тендерот и затоа сме скептични кон изјавите на владините претставници. Бараме итен прием во Владата, а доколку таму нема слух, ќе ги известиме европската и светската градежна федерација, па нека ни се смее цел свет за небулозните договори – порача претседателот на градежниот Синдикат.

Веќе подолг период градежништвото е клекнато на колена иако опфаќа 7 отсто од вкупниот број на вработени. Само лани од земјава си отишле над 12 илјади градежници, а за прв пат во историјата вкупниот број на вработени во секторот е под 50.000, рече Андреа Серафимовски, претседателот Здружението за градежништво при СКМ. Ова е поразителен податок, додаде Серафимовски, ако се земе предвид податокотдека македонските работници и граѓани ќе ги враќаат кредитите за финансирање на најважните инфраструктурни проекти, а средствата од нив ќе се прелеат во странство, а домашните градежни компании ќе пропаѓаат.

Изминатиот период две од трите делници на железничката пруга 8 во вредност од 200 милиони евра им беа доделени на странци, сега повторно странци ќе добијат 1,3 милијарди евра за Коридорите 8 и 10Д. Нејасно е како условите за работа за странските компании се поповолни отколку за домашните компании,а важечките прописи не предвидуваат механизми за заштита на домашниот пазар – додаде Серафимовски.

Синдикалците и работодавачите се децидни дека македонската јавност е презаситена од бројните афери и скандали со јавните набавки. Од корупциите во јавните набавки се засегнати сите дејности, додека последиците најдиректно ги чувствува градежништвото, порачаа Пешевски и Серафимовски. Тие предупредија дека и кога Собранието го донело Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на страшеки партнер за имплементација на овој проект, поради неуставност на членот 12 кој предвидуваше стратешкиот партнер да има целосно право да го орагнизира и распоредува работното време, Уставниот суд ја прифатил иницијативата работниците на автопатските делници да не бидат ангажирани во просек по 60 часа неделно и не би сакале повторно да бараат заштита од овој суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот