Моментална состојба на бараката по поплавата во 2008 година
Моментална состојба на бараката по поплавата во 2008 година

Стопроцентен воен инвалид од конфликтот во 2001 година четврт век не може да добие стан од Македонија

Стопроцентен воен инвалид, кој учествувал во конфликтот во 2001 година во Македонија, 25 години по ред не може да добие стан од државата, откако се здобил со инвалидитетот кога позицијата на која се наоѓал како полициски резервист, била погодена од гранати и мини во Арачиново. Тој има потврда од СВР Скопје дека е „повреден на боиште при преземање оперативно-тактички мерки“. Во 2003 година, наместо стан, државата му дала мизерна барака од 36 квадратни метри, која во 2008 година се поплавила и се распаднала.

Оттогаш државата „го шутка“ предметот на овој човек и не му дава стан, иако тој е меѓу само 27 Македонци од 1945 година наваму со стопроцентна воена инвалидност, од кои само тројца се од конфликтот во 2001 година.

Комисијата за станбени прашања при Владата на 16 март му го испратила последното известување во кое пишува дека целосно му е разгледана документацијата на бранителот, ама се наоѓа „во фаза на финална административна обработка“. На поранешниот војник на таков начин, од државата му останаа само благодарниците за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет што му ги доделувало Министерството за одбрана во 2001 година заедно со значките, а станбеното прашање му е нерешено иако има две малолетни деца на возраст од три и пет години.

Состојбата на бараката по поплавата во 2008
Состојбата на бараката по поплавата во 2008

Иако 25 години нема абер од станот за ексрезервистот, од Владата во март годинава му одговориле дека „наводите за институционален молк се неосновани бидејќи институциите преземаат конкретни и завршни дејствија за решавање на барањето“. Известувањето го потпишал претседателот на Комисијата за станбени прашања Александар Николоски.

-Комисијата за станбени прашања, имајќи ја предвид итноста и специфичноста на случајот, постапува со висок приоритет со цел вашето барање да добие соодветна завршница. Постапката е во тек и по донесувањето на управен акт, ќе бидете веднаш писмено известени – му одговориле од Владата во март годинава.

Сопругата на бранителот, Ивана Митревска за „Слободен печат“ вели дека иако нејзиниот сопруг 25 години е воен инвалид со стопроцентен инвалидитет, сите институции ја вртат главата на другата страна и не го решаваат неговото станбено прашање.

-Се имам обратено во Комисијата за станбени прашања при Владата, во Министерството за транспорт, до премиерот и претседателот на државата. Единствено што праќаат е известување дека барањето ќе биде разгледано на некоја од наредните седници. Од Друштвото за стопанисување со станбен и деловен простор одговорија дека не располагаат со слободни станови. Но јас ги разгледав нивните годишни извештаи и има слободни станови. Зошто човек со апсолутен приоритет, човек што се борел за Македонија, е оставен на страна да чека, мене не ми е јасно –  изјави Митревска за „Слободен печат“.

Според неа, доделувањето стан не е прашање на добра волја, туку прашање регулирано со Устав и Закон.

Членот 36 од Уставот предвидува дека државата им гарантира посебни социјални права на воените инвалиди и на нивните семејства. А Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили предвидува дека ваквите лица имаат право на приоритет при добивање стан под закуп, на неопределено време и со повластена закупнина.

-Тоа не е привилегија. Тоа е законска обврска на државата. Во овој случај, државата не обезбеди стан. Во 2003 година ни беше даден привремен монтажен објект, односно барака. По поплавата во 2008 година, таа барака стана руинирана, небезбедна и невселива. И самото АДССДП во своите одговори потврди дека објектот е во многу лоша состојба, руиниран, запуштен, со искршени врати и прозорци, обраснат со трева и без услови за живеење, а дека не носи одлуки за доделување станови, туку тоа е надлежност на Комисијата за станбени прашања. Тоа значи дека АДССДП знае дека објектот не е за живеење, а Комисијата знае дека мора да одлучи и сепак решение нема – ни изјави Митревска.

Моменталната состојба на објектот
Моменталната состојба на објектот

„Слободен печат“ се обрати во Владата со прашање зошто не е решено станбеното прашање на резервистот кој се здобил со стопроцентен инвалидитет, но одговор до објавувањето на овој текст не добивме. Конкретниот случај е нотиран во годишниот извештај на Народниот правобранител за 2025 година како негативен пример, а правобранителот изрично укажува на тоа дека владината Комисија за станбени прашања во вакви случаи најчесто дава формални одговори, наместо вистинско решавање.

Моментална состојба на бараката по поплавата во 2008 година
Моментална состојба на бараката по поплавата во 2008 година

Потоа, на 23 февруари 2026 година, Државниот управен инспекторат официјално утврдил дека Комисијата не постапила по барањето и дека предметот не бил ставен на дневен ред.

-Тоа значи дека не само што нема одлука — туку службено е утврдено дека по предметот не било ни одлучувано. И по овој инспекциски наод, наместо конечно решение, добивме само ново „известување за статус“. Но најтешкиот дел не е само молкот. Најтешкиот дел е што паралелно со овој молк, државата дозволила или одржувала и извршни постапки за закуп за нешто што не е дом, туку руинирана барака. За нас тоа не беше „само постапка“. Тоа беше понижување. Затоа што тие извршувања не одеа врз некаква споредна сметка, туку врз неговата единствена сметка на која прима воена инвалиднина и сродни примања. Откако ќе укажеме дека станува збор за примања по основ на воена инвалидност, сметката е деблокирана, но претходно сме плаќале и трошоци за блокада и деблокада без своја вина. Тоа не е само финансиски притисок. Тоа е удар врз достоинството на човек кому државата по Устав треба да му даде заштита, а не да му ја одзема и последната сигурност – вели Митревска.

Ова семејство испраќа порака за ажурност до Комисијата за станбени прашања при Владата која со години не донесува конечен акт, како и до АД за стопанисување со станбен и деловен простор кое потврдува дека бараката е руинирана, а системот и понатаму не го решава прашањето.

-Ова се однесува и на целиот институционален ланец што знаел за случајот — од надлежните органи, до оние што примале ургенции, извештаи и наоди — и сепак дозволил едно лице со стопроцентен воен инвалидитет да остане заглавено помеѓу барака што не е за живеење, предмет без исход и извршувања за закуп. И тука е јавниот интерес. Затоа што ова веќе не е само личен проблем. Ова е прашање дали државата ги почитува сопствените закони кога пред неа стои човек за кого Уставот вели дека има посебна заштита, за кого Законот вели дека има приоритет за стан под закуп, за кого Државниот управен инспекторат утврдил дека не е постапено, и за кого Народниот правобранител службено кажал дека е пример на неприфатливо институционално однесување – вели сопругата на бранителот.

Прашањето околу станот, за неа не е привилегија, милост ни политика, туку законско и уставно загарантирано право.

Бранителот има тешки повреди на главата и грбот, преживеал кома, отекување на мозокот, потрес на мозокот, епилепсија и тешки последици на грбот на девет пршлени кои биле поместени од самите удари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот