Стихозбирката „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорѓо Димоски имаше промоција во Охрид
Најновата стихозбирка „Грозје од кукавица“ од поетот Славе Ѓорѓо Димоски на 27 јуни беше промовирана во кафе и бар „Шила“ во Охрид. Промотор на книгата беше Јулијана Величковска од „ПНВ Публикации“.
Книгата „Грозје од кукавица“ излезе во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје и претставува завршен дел од трилогијата со неоангажирана (терминот е од авторот) поезија (другите две книги се „Извештаи на Рисот“, 2016 г., и „Јазик и леб“, 2019 г.), бидејќи во однос на класичната ангажирана поезија, која често е и патетична, овде се пародираат општочовечки и национални теми, како стравот, сомнежот, свеста дека е изгубена секоја надеж, химната, најпознатата реченица на Делчев, дека владее логиката на интересот, а не логиката на моралните вредности итн.
– Во книгата се воспоставува однос помеѓу политиканството (бидејќи кај нас нема политика), кое шири разочарувачки дехуманизирани сигнали, и поезијата, која е нешто последно што може да ја спаси чистата човечка свест – истакнува Славе Ѓорѓо Димоски.
Славе Ѓорѓо Димоски (1959, Велестово, Охрид) завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е и претседател на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, бил претседател на Управниот одбор на НУ Струшки вечери на поезијата.
Член е на ДПМ, на македонскиот ПЕН центар и на академијата „Анте Поповски“. Автор е на деветнаесет стихозбирки, на шест книги за деца, на повеќе книги есеи и активно препејува.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 237, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.6.2024)