Стерилизирале цитостатици во близина на фабрики за месо!

Овластена фирма за справување со медицински отпад вршела стерилизација на хемикалии и патоген отпад, иако лекови и цитостатици, според закон, мора безбедно да ги третираат само во печки за спалување, утврди Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Фирмата работела според елаборатот за заштита на животна средина одобрен од Министерството за животна средина.

Во февруари годинава скопскиот градоначалник Петре Шилегов обелодени дека фирмата „Еко клуб“ несоодветно постапува со медицинскиот отпад. Нејзиниот правен наследник „Ремондис“, според најновата инспекција на ДИЖС, продолжила со незаконскиот третман на медицинскиот отпад, иако се наоѓа на т.н. Кванташки пазар, во непосредна близина на погони за производство и дистрибуција на храна, меѓу кои „Солета“ и „Римес“, како и за трговија со храна „ЈС Актуел“.

Наодите на ДИЖС, на чие чело пред неколку месеци дојде новата в.д. директорка Ана Петровска, се дијаметрално спротивни со оние кој ДИЖС ги имаше во февруари, кога соопштија дека нивните инспектори направиле увид во „Еко клуб“, сегашен „Ремондис“ и не нашле никакви неправилности.

Нема ниту соодветна локација за печки

Актуелните инспекции на ДИЖС утврдиле сериозни недостатоци во дозволата за работа на „Ремондис Медисон“ ДОО Битола. Постапувајќи по пријава од граѓани, ДИЖС излегол на терен и констатирал дека фирмата немала соодветна печка за спалување на отпадот, а нема ниту услови да се постави на таа локација. Од Инспекторатот велат дека на „Ремондис“ му било одобрено складирање на отпадни масла што содржат полихлорирани бифенили, а овие масла се канцерогени и за нивно собирање и третман има исто така многу строги стандарди, што со елаборатот не е обработено.

Инспекторите утврдиле дека технолошката постапка за стерилизација на медицинскиот отпад, која на „Ремондис“ му ја одобриле од Министерството, не дава информации на кој начин ќе се спречи испуштање патогени материи во воздухот, бидејќи од компанијата не било побарано да вградува т.н. ХЕПА-филтер кој спречува нивна емисија во воздухот. Овие и многу други недоследности го натерале Инспекторатот да побара преиспитување на одобрението на елаборатот за да се зачува законитоста на постапките со кои се обезбедува здрава животна средина.

Дополнително, и граѓани од Гази Баба бараат поништување на ова решение за да не се случи во време на пандемија од погонот да се ослободуваат патогени и други опасни материи поради неприменување на соодветни законски пропишани третмани на отпад.

Грозни сцени со кучиња што јадат крвави завои

Инспекторатот на Градот Скопје минатата година утврди дека медицинскиот опасен отпад, наместо да се обработи на висока температура и да се уништат микроорганизмите, се меле, се товари на камиони и се фрла на комунална депонија, спротивно на законот, со што станува загадувач на градот и извор на зарази.

Јавноста се згрози од снимките и фотографиите направени од градски инспектори на кои се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад. Стравични беа фотографиите на кои се гледа како кучиња скитници јадат крвави отпадоци и завои, а течноста истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.

Според кажувањата на градоначалникот Шилегов, станувало збор за медицински отпад од Прилеп и Битола кој несоодветно третиран и нестерилизиран завршувал на депонијата Дрисла.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот