Ставрески за реставрација на режимот

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Сега кога Ставрески е реставриран (беше малку оштетен) и рестартиран, речиси сè е тука. Само уште ТОЈ ни фали. Доста ни беше леб од хибриден, сакаме чоколадо од вистински режим.

Зоран Ставрески се врати на местото на злосторството. Поранешниот министер за финансии во владите на Никола Груевски сега ќе биде надзорник: неговата партија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, формира работно тело што ќе ја контролира работата на градоначалниците од партијата. Вода ќе му носи Оливер Шамбевски, партиско тело кое работеше прво како портпарол, а потоа и како амбасадор на земјава во Кина. Највисокото, најинокосното, математички најпрецизното тело на партијата, лидерот Христијан Мицкоски, ќе ги контролира овие две пониски, а преку нив и сите други ситни тела во општините. Со исклучок, се разбира, на Данела Арсовска, градоначалничката на Скопје. Таа кажа дека има поддршка од партијата и, што се вели, остана независна. „Обединувачкиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ е присутен и ќе продолжи да биде еден од нашите принципи на работа“, објасни партијата, и нагласи дека таа „континуирано обединува и расте“. Принципиелно обединети, како тројка во едно тело (со три сенки), Мицкоски, Ставрески и Шамбевски ќе треба да ги спроведат програмите „Гарантираме“ кои предвидуваат „2.000 улици низ цела држава, изградба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта, 150 паркови, 60 објекти на културата, 90 спортски сали и други дела“. Звучи познато, иако не е кажано дека ќе се направи во 100 чекори. Единствено тројката ништо не гарантира за „случајот Данела“. Што ќе преземе тројката, ако првото тело на Скопје, евентуално, не воведе бесплатен јавен превоз во градот, како што вети. Независно од каква било реална математика.

Иако е незаборавно, од владејачката СДСМ сепак се јавија за да потсетат дека „тоа е истиот Ставрески кој во 2012 на ‘црниот понеделник’ даде налог собраниското обезбедување насилно да ги исфрли, прво новинарите, а потоа и пратениците од собраниската сала; кој како министер за финансии ја презадолжи државата за да се финансира проектот ‘Скопје 2014’; кој беше десна рака на Никола Груевски во водењето погубни економски политики за што тој самиот кажа трошиме за чоколадо, а немаме за леб…“ И да констатираат дека „враќањето на кумот на Груевски на висока функција е доказ дека во ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Мицкоски, е присутна истата режимска матрица на Груевски, за кого се прави план за враќање“.

Дали враќањето на Ставрески значи реставрација на стариот режим, тој на Груевски, или е во прашање само игра на зборови, презиме кое асоцира на процесот? Ова второво е многу (по)точниот одговор. Еве зошто. Зборот реставрација значи повторно создавање на нешто многу оштетено или, дури, речиси уништено. Во еден голем опфат на нештата – од, да речеме, споменик, до општествен систем.

Кога станува збор за „режимот на Груевски“, не одговара да се употреби изразот реставрација во неговото изворно значење од проста причина што тој, режимот, пет години по паѓањето сè уште не е многу оштетен (ако воопшто е), а камоли уништен. Напротив. Огромната енергија, храброст, ризици, големите надежи во „новото реално“ и уште многу други нешта што помогнаа да падне десетгодишната деспотија, е токму сето тоа е или сериозно оштетено, или е целосно уништено, или е, за инает, свртено контра! Видете ги резултатите од изборите. Народот е веќе (кога побрзо?) уморен од долготрајни, тешки, непродуктивни дебати, од разни слободи, од бескрајни расправии и слични демократски тракатанци. Бара цврста рака (видете ги анкетите), некој велики-господар-Александар кој ќе знае да пресече, да реши, макар и да се заканува со ендеци, со шамари, со вриштење-пиштење… Стадото сака пастир, кој ќе му гарантира спокојност, извесност дека на раат ќе може да прежива и да (пре)живее.

Сите заедно, обединети, никогаш и не престанавме да “животариме” во тој груевистички поредок, и симболички и реално. Тргањето на оградата околу владината зграда (столбовите останаа!) и рушењето на споменикот на Ќосето – единствените „жртви во одмаздата“ на новата власт – не го ни допреа, дури ни симболички, монструозниот преродбенички проект „Скопје 2014“ во чии кулиси, заробенички, се одвива и, неизбежно, се моделира животот на жителите, не само на престолнината. Да не зборуваме дека не само груевизмот, туку ни Груевски никогаш не замина, освен физички,од овој политички и, особено, медиумски простор. Најголемото зло што ѝ се случило на Македонија е најприсутно со секојдневни коментари од Будимпешта – за судството, за власта, за изборите и за сè што ќе му текне – речиси во сите портали, дури и во такви кои за себе тврдат дека биле против децениската вмровска тортура.

Сега кога Ставрески е реставриран (беше малку оштетен) и рестартиран, речиси сè е тука. Само уште тој ни фали. Доста ни беше леб од хибриден, сакаме чоколадо од вистински режим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот