Стар 500 години: Научниците конечно го решија парадоксот на меурите на Леонардо да Винчи

Леонардо да Винчи / Фото: Wikimedia

Пред повеќе од 500 години, Леонардо да Винчи гледал воздушни меури како лебдат низ водата, кога забележал дека некои меури необјасниво почнале да се вртат спирално или цик-цак наместо да се искачуваат директно на површина, пишува „Vice“.

Леонардо да Винчи е роден во средината на 15 век, а сепак, тој и по повеќе од пет века, се смета за еден од најгенијалните луѓе во историјата на човештвото. Покрај тоа што беше сликар, тој беше и архитект, анатом и инженер пред своето време. Со други зборови, покрај Мона Лиза и Тајната вечера, зад себе остави изобилство студии од различни сфери на науката.

Меурчиња на водата

Заинтригирани од природните појави, законите на физиката, естетиката и многу други нешта, еден од елементите кои особено го привлекле неговото внимание била водата. Проучувајќи ја, тој бил првиот што сфатил некои од нејзини карактеристики и површинската напнатост, а своите откритија ги запишувал во тетратка – заедно со едно забележување.

Имено, тој забележал дека меурчињата на воздухот со одредена големина не се издигнуваат до површината на водата по рамна патека на движење, туку по патека што наликува на цик-цак или на спирала. Со години се обидувал да најде одговор на ова прашање, но безуспешно.

Во следните векови, многу научници се обиделе исто како него да најдат одговор на ова прашање. Некои од нив дале можни одговори, но не и квантитативен опис на феноменот и физичкиот механизам кој стои зад него.

Конечно имаме одговор

Меѓу оние кои биле фасцинирани од споменатиот парадокс што го мачел славниот Да Винчи, се и физичарите Мигел Анхел Херада од Универзитетот во Севиља и Џенс Егерс од Универзитетот во Бристол. А, за да го сфатат, развиле посебен математички метод заснован на дискретизација.

Научниците мислат дека можеби конечно ја решиле долгогодишната загатка со развивање на нови симулации кои одговараат на високопрецизните мерења на ефектот, според студијата објавена во вторникот во „Proceedings of the National Academy of Sciences“ (Зборник на трудови на Националната академија на науките).

Во пракса, експериментот изгледал вака – двајцата ја одредиле површината на меурчињата. Потоа, го симулирале движењето и нивната стабилност во водата и сфатиле дека меурчињата чиј радиус надминува 0,926 милиметри се деформираат во водениот столб додека се движат нагоре. Како резултат на тоа, водата тече околу нив побрзо од една страна и ја намалува нивната брзина. Покрај тоа, тие исто така забележале и дека постои разлика во притисокот што го турка меурот назад на почетната позиција и му овозможува повторно да ја започне својата траекторија (патека на летот), што резултира со чудно движење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот