Средба со Бранко Росиќ на фестивалот „Букстар“: Панкер со маска на новинар

Бранко Росиќ е автор на романот „Доаѓањето на матадорот“

Меѓу гостите на деветтото издание на фестивалот на европска литература „Букстар“ беше српскиот писател и новинар Бранко Росиќ, кој е дипломиран машински инженер со необична биографија.

Деветтото издание на фестивалот „Букстар“, што се одржа од 2 до 4 октомври во МКЦ, ќе биде запаметено по својот оригинален формат во кој беа вклучени гостувањата на најголемите писателски имиња од европската, регионалната и од македонската литература, конвенцијата на издавачи и претставници на фестивали од регионот, доделувањето на наградите „Драги“ на национално и интернационално ниво, поткастите, саемот на европската литература, средбите со студентите, преведувачкиот панел, слем-натпреварот, но ќе биде запаметен и ангажираниот слоган (Please do disturb! / Ве молиме, вознемирувајте!).

Во таков креативен амбиент се сретнавме со српскиот писател и новинар Бранко Росиќ (1964, Белград), кој покрај учеството на фестивалските панели, го имаше задоволството да го види македонскиот превод на неговата книга „Доаѓањето на матадорот“, во издание на книжевниот центар „Антолог“.

Минатата година Росиќ бил во Скопје, но за промоцијата на српското издание на истата книга, а потоа преку преведувачот Сашо Христовски се поврзал со организаторите на „Букстар“, кои му упатиле покана годинава да гостува на фестивалот.

– Македонија ми е многу драга и сакам да доаѓам тука, а дополнителен мотив ми е тоа што македонскиот превод на романот „Доаѓањето на матадорот“ е прв превод на друг јазик на овој роман, воопшто – со возбуда објасни Росиќ.

Главни ликови во романот се Макс и Гавран, двајца хазардери кои смело зачекоруваат во коридата на 21 век, каде што ќе бидат пречекани со многу ниски удари. Макс е талентиран актер, но е во сенката на грандиозната актерска кариера на татко му. Иако со видни амбиции во професијата, сепак една моќна жена ќе му предложи да биде главен дел од софистицирана измама, а тој нема да може да одолее барем еднаш во животот да одигра водечка улога, ризикувајќи сè што стекнал. Гавран е маркетинг-менаџер кој повеќе не може да го поднесе корпорацискиот диктат и да биде тркалце во системот што ги меле сите луѓе на оваа планета. Тој има поинаква визија, а кога ќе се вљуби во Камиј, ќе ѝ подари несекојдневен подарок – општествена револуција како уличен музичар.

– Двајцата влегуваат во ролеркостер и така се создава една динамична приказна полна со турбулентни случувања. Не сакам да пишувам автофикција, туку во моите романи сакам да има дејство. Во романот како ликови се појавуваат и вистински личности, како Боно Вокс од „Ју-ту“ и Вивиен Вествуд. Така што содржината на романот е еден вид фикција со нефиктивни ликови – открива Росиќ.

Не сакам да пишувам автофикција, туку во моите романи сакам да има дејство

Воопшто не е случајно што некои од ликовите во романот се музичари, бидејќи и самиот автор прво бил музичар, а потоа бил и музички новинар. Како музичар свирел во култниот панк-бенд „Урбана герила“, а подоцна и во електро-групата „Берлинер штрасе“. Тој е еден од првите српски музичари што дале интервју за прочуениoт англиски весник „Њу мјузикл експрес“.

Како новинар направил интервјуа со значајни личности од југословенската и светската рокенрол и културна сцена, меѓу кои Стивен Патрик Мориси („Д’Смитс“), Ник Мејсон („Пинк флојд“), Јоко Оно, Ханиф Курејши, Ирвин Велш, Ју Несбе и Жан-Пол Готје.

На британскиот премиер Борис Џонсон му бил претставен како „панкер со маска на новинар“, додека британската Кралица Елизабета Втора го одликувала со Медал на Британската империја за исклучителен придонес во промовирањето и унапредувањето на културните врски меѓу Велика Британија и Србија. Покрај новинарската професија, со текот на времето почнал да пишува и романи.

– Често се чувствувам како да имам две личности, едно сум кога пишувам роман, а сосема друго кога работам како новинар. Во пишувањето на романите многу ми помага новинарското искуство, бидејќи многу лесно можам да создадам приказна и ликови од случувањата на кои сум присуствувал како новинар. Немам проблем со имагинацијата и можам да измислувам многу работи, но во пишувањето на романите многу ми помага кога ќе се соочам со вистински приказни и личности кои ги сретнувам со новинарската професија – објаснува Росиќ.

Покрај новинарската работа како заменик на главниот уредник на списанието „Недељник“ и писателската работа со три романи што веќе се објавени, Росиќ соработувал во пишувањето на „Лексикон на Ју-митологијата“ и објавувал текстови во „Плејбој“, „Ел“, „Л’еуропео“, „Космополитен“, „Макс“, „Нешнл џиографик“, „Б92 онлајн“.

На фестивалот „Букстар“ како писател Бранко Росиќ учествуваше на панелот со наслов „За што да биде гласна регионалната книжевност?“, каде кажа дека живееме во време без идеологија, дека за револуција се потребни фронтмени, ама такви нема затоа што денес младите се попрактични и гледаат дека револуцијата не е рентабилна.

Но, истакна и дека литературата треба да има субверзивна моќ, а не само да забавува, дека мора да се занимава и со сегашноста, но не само преку хроничарски новинарски пристап, туку да навлезе подлабоко во суштината на нашето време.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 199, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот