Спетаклот на корупцијата
Во балканската квантна суперпозиција сите состојби се еднакво точни и еднакво можни. Нема разрешница, нема пресек, нема нов лист. Сè е постојано актуелно. Патолошка состојба што се смета за гордост на Балканот.
Победата на партијата Тиса предводена од Петер Маѓар на парламентарните избори во Унгарија на спектакуларен начин ја прекина шеснаесетгодишната доминација на Виктор Орбан. Победата на Маѓар беше спектакуларно пречекана и во Македонија и во Србија, чии владејачки партии како и важни сегменти од општеството имаат тесни политички, идеолошки и финансиски, односно бизнис-конекции со поразениот режим на Орбан. Спектаклот беше зачинет со изјавата на Маѓар дека „на осудени криминалци не им е местото во Унгарија“.
Препорачано
По изјавата имаше бура од текстови, изјави и во центарот главното прашање „што ќе биде ако се врати Груевски?“. Јас не можам да замислам поголемо непочитување кон себе и кон колективната свест во самото прашање и антиципацијата за неговото враќање. „Шта би било, кад би било“ за личност што е осум години пребегана од државата, а во друга држава тера бизниси, продава книги и честита празници на Фејсбук.
Во една анкета на случајни станари низ Скопје, младо момче изјави дека „Груевски направил многу за државата и дека имал многу фанатици тука“. Поточно, над 250 илјади следбеници на Фејсбук, настрана фројдовското слизнување на дечкото.
Слизнувањето на македонската држава и општество за време на владеењето на Груевски повеќе беше налик на велеслалом во најдобрите времиња на Јаница Костелиќ. Велеслалом што во рекордно време ги поништи сите морални, етички, интелектуални, психолошки и емоционални основи на македонската држава и општество. За време на велеслаломот, Груевски ја злоупотреби службената должност за нелегално да ја финансира партијата и преку неа да испере пари за противправно да купува плацови низ Скопје, а со остатокот да финансира насилници, партиски војници, послушници и полтрони за да мести избори. И да набави службен мерцедес.
За финансирањето на партијата и на насилници што требаше да го спречат блокирањето на деталниот урбанистички план во општина Центар, во кој влегуваа неговите плацови тој е веќе правосилно осуден и треба да лежи десет години затвор – затоа побегна.
Ама овие факти не се важни. Неговите фанатици, пардон поддржувачи, ги знаат. Тие беа свесни соучесници во процесот, многу долго пред да се појави Заев со „предавниците“ што го сменија името. А начинот на кој го одобруваат неговиот криминал е: а) све е тоа хајка, го наместија соросоидите, сдс и странските платеници б) па и да крадел, он што све има направено за државата, в) можеше и повеќе да направи и да украде ама со слаби луѓе беше опкружен; и моето омилено г) па што?
Ова е балканската квантна суперпозиција. Сите состојби се еднакво точни и еднакво можни. Само место колапс на состојбите тука имаме спектакл на корупцијата. Нема разрешница, нема пресек, нема нов лист. Сè е постојано актуелно. Патолошка состојба што се смета за гордост на Балканот.
За евентуалното враќање на Груевски, премиерот Мицкоски изјави дека во таков случај ќе треба да се соочи со правдата. Соочувачот со правдата до неодамна беше почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Баш во овој период, колумна/став тука во „Слободен печат“ имаше Назим Рашиди по повод реакциите на Македонците за протестот на студентите Албанци околу полагањето на правосудниот испит. Колумната е купишта генерализации и аргументи кои во обид да ја разобличат слепата омраза на другиот народ, многу повеќе ги откриваат слепите точки на тој што ја напишал.
Планирав реакција на текстот, но ме претрка адвокатот Тони Менкиноски, со свои контрааргументи и слични генерализации. Една од нив е тезата дека македонскиот народ нема своеволно соработувано со нацистите и фашистите. Потоа го дава примерот за Ибе Паликуќа, албанска девојка од Дебар, која учествува во антифашистичкото движење во Македонија, прогласена за народен херој на Социјалистичка Република Македонија. Прво јас сум сигурен дека сто луѓе да прашате на улица, двајца нема да знаат што е Ибе Паликуќа, а камоли на која националност и пол им припаѓа. Второ, паралела на Ибе Паликуќа е Невена Георгиева – Дуња, седумнаесетгодишна македонска партизанка заробена од бугарските фашисти со помош на михајловистичките контрачети и свирепо убиена. Контрачетите се на Иван Ванчо Михајлов, историски воскреснат од режимот на Груевски заедно со контрапротестите, контрапленумот и ја гледате логиката. Соработката со окупаторот не е инцидент, тоа е избор што постојано се повторува. На историските избори и на моралот на денешните поддржувачи се градат модерните држави. Во иднина, така ќе се гледа за денешните избори што веќе се направени.
(Авторот е молекуларен биолог)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


