Спасов за „Слободен печат“: Се лаже секој што мисли да ја превоспитува младината со бугарски универзитети во Македонија

Ѓорѓи Спасов, Фото: Фејсбук

Се лаже секој што мисли дека без почитување на нашите закони може да се отворат бугарски универзитетски кампуси во Македонија во кои ќе се превоспитува младината во духот на бугарската историска наука, вели професорот и поранешен амбасадор во Бугарија Ѓорѓи Спасов.

Секоја благородна идеја, вели тој, може да биде различно толкувана и разбрана и потребно е појаснување за што се работи и со каква цел се оправдува. Инаку, нема никакви законски пречки која било странска компанија да отвори универзитет во Македонија ако ги исполнува условите.

– Законот за високото образование дозволува да бидат основани висоскошколки уставови, факултети и универзитети, под сосема јасни услови. Според тој закон вискошколска установа може да основа и странска компанија која ќе ги исполни условите, а тоа е наставата да се одвива на еден од службените јазици во Македонија (македонскиот и албанскиот) или на некој од светските јазици (член 24). Секоја новооснована установа за високо образование за да почне со изведување настава треба да ги исполни законските услови, а нејзината програма мора да добие акредитација од Одборот за акредитација на Република Македонија. Исполнувањето на условите го следи Државниот инспекторат на Министерството за образование – објаснува професорот Спасов за „Слободен печат“.

Тој додава дека треба да биде добредојден секој приватен универзитет од Бугарија или секој инвеститор кој ќе оцени дека сака да вложи пари во основање на непрофитна организација какви што се универзитетите во Македонија под условите што ги предвидува законот.

– Ама ако некој мисли дека бугарските или чии било државни и приватни  универзитети ќе можат да отворат свои т.н. „дисперзирани студии во Македонија“ или кампуси на бугарски јазик без почитување на нашите закони за високото образование и без добивање на акредитација и дека на нив ќе можат да почнат да ја „превоспитуваат младината“ во духот на бугарската историска наука, се лаже. За почеток ќе биде доволно да им дозволат на студентите од Македонија што се запишуваат на универзитетите во Бугарија да немаат статус на странски студенти и да плаќаат висока школарина се додека не изјават дека се чуствуваат Бугари и дека по таа основа бараат ослободување од плаќањето школарина. Во оваа смисла секоја благородна идеја може да биде различно толкувана и разбрана. И потребно е појаснување за што се работи и со каква цел тоа се оправдува, заради она што е денес популарно и се вика „враќање на довербата во Договорот за добрососедство – вели Спасов.

Бриселски „Еуроактив“, повикувајќи се на дипломатски извори, вчера објави дел од содржината на акцискиот план за спроведување на Договорот кој го подготвила бугарската страна. Софија поднела предлози поврзани со железницата, патиштата и инвестициите на бугарски компании во Македонија. Со планот е опфатено и отворање на кампуси на бугарските универзитети воМакедонија, а има и дел којшто се однесува на учебниците по историја. Според „Еуроктив“, со поднесувањето на својот акциски план Бугарија се обидува да ја промени својата тактика кон Македонија и на некој начин да ја ублажи напнатоста меѓу двете земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот