проф. Александар Спасеновски / Утрински брифинг

Спасеновски: Влада без ДУИ најмалку ѝ е потребна на државата

Во услови на сериозни политички предизвици, како евентуалниот застој на европските интеграции, сметам дека најмалку што ѝ е потребно на оваа држава е да се исклучи ДУИ од учество во власта во државата, вели професорот по уставно право и политички систем, Александар Спасеновски во интервју за РСЕ.

На прашањето, дали е можно барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски сега да се усвојат уставните измени, а да почнат да важат кога земјата ќе влезе во Европската унија, тој вели дека постоја два аспекти, технички и политички.

„Доколку се водиме од внатрешните аспекти поврзани со уставниот поредок на државата, можеме да заклучиме дека нема никаков проблем кои било измени на Уставот и кои било амандмани, вклучувајќи ги овие, да се усвојат на начин на кој тие би имале одложена примена. Впрочем, ние сме имале такви искуства и во минатото. Од друга страна, секако тука оваа техничка реалност се надоврзува на една политичка ситуација, а таа се поврзува со преземените политички обврски на државата. Минатата година, кога практично и отпочна овој процес на динамизирање на европските интеграции, според кој државата презема обврска да ги заврши уставните измени меѓу првата и втората меѓувладина конференција. Значи да заклучиме, од технички, од уставно-правен аспект не постои проблем кои било уставни измени, вклучувајќи ги овие, да имаат одложено дејство, одложена примена, меѓутоа тука се судруваме со реалноста на политиката, а тоа се преземените меѓународни обврски на владата според кои уставните измени треба да се реализираат меѓу првата и втората меѓувладина конференција“, вели Спасеновски.

Сепак, нагласува тој, ниту заклучоци на Советот на Европската унија, ниту еден меѓународен договор е целосно непроменлив, а познати се и ситуации на ревизии, на промени, на адаптирања на преземените меѓународни обврски.

„Меѓутоа следејќи ја реалноста на меѓународната политика и партикуларната сила на државата во којашто ние живееме, на Република Македонија, мора да кажам дека мали се шансите, мала е извесноста дека оваа држава, политичките елити, политичките партии имаат капацитет да променат политичка одлука на ЕУ“, вели професорот по уставно право.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот