Со паметно јавно осветлување ќе се заштеди 70 отсто електрична енергија

струја

Од Град Скопје најавуваат дека предвидено е изработка на платформа на дигитален град, која подразбира изработка и интеграција на модули за систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, како и систем за паметно мерење на потрошувачката на вода.

За околу 70 отсто ќе се намали потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување со воведување на новото т.н. паметно јавно осветлување на територија на Град Скопје.

Ова е еден од капиталните проекти што градските власти го најавуваат за следната година, а е дел од Развојниот план за изградба и одржување на паметното јавно осветлување на улици во надлежност на Град Скопје и платформа за паметен град на подрачјето на Град Скопје за период (2021-2023) година.

-Со овој развоен план се утврдува дека Градот има потреба за имплементирање на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град (Digital City), базирана на најсовремена технологија, интернет на нештата (Internet of Things/IoT), која ќе овозможи поврзување на разновидните уреди и компоненти на платформата преку интернет, заради собирање информации за точно разбирање на настаните во реално време, нивна анализа и преземање соодветна акција – информираат од Град Скопје.

Оттаму велат дека имплементацијата на системот за паметно осветлување, предвидува набавка и инсталацијата на околу 10.000 нови ЛЕД светилки на сообраќајниците, плоштадите и јавните површини во надлежност на Градот, а со тоа значително ќе го модернизира постојниот систем и ќе ја унапреди енергетската ефикасност на Градот Скопје.

-Според иницијалните анализи, замената на постојните натриумови и живини светилки со ЛЕД-светилки како извори на енергетски ефикасно осветлување и дополнително користење на опцијата за нивна паметна регулација (димирање) на светлосниот интензитет, носи потенцијал за заштеди на потрошувачката на енергија за јавното осветлување, од околу 70 отсто во однос на постојниот систем – објаснуваат оттаму.

Инаку, покрај паметното осветлување, од Град Скопје информираат и дека е предвидена изработка на платформа за дигитален град, која подразбира изработка и интеграција на модули за систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода, како и Градски портал.

Буџетот на Град Скопје за идната година намален за 8,5 отсто

 

Буџетот за 2021 на Град Скопје  е намален поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.

Од Град Скопје посочуваат дека во услови на значајно влошување на меѓународното економско окружување и голема економска криза, резултат на здравствената пандемија, Буџетот на Град Скопје за 2021 година е подготвен применувајќи ги начелата на економичност, рационалност, фискална одговорност, отчетност и транспарентност, во насока да се обезбеди извршување на сите законски надлежности на Град Скопје, со подобро буџетско планирање и извршување.

– Планирањето на средствата преку дефинираните програми придонесува за поголема транспарентност на планираните и извршените расходи како и нивно рационално користење – наведуваат од Градот.

Според направените проценки и анализи, Буџетот на Град Скопје за 2021 година ќе изнесува  7,2 милијарди денари вкупни приходи и други приливи.

Инаку, споредено со 2020 година, буџетот на Град Скопје за 2021 година се намалува за 8,5 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот