Со онлајн собраниски седници се ризикува политичка криза во Собранието, смета опозицијата

Фото: МИА

По трите потврдени случаи на пратеници активни на вирусот Ковид-19, се интензивираа дебатите околу можноста за заседавање на Собранието преку онлајн апликации. Владејачкото мнозинство предлага промена на Деловникот за да се овозможи работа на далечина за пратениците кои имаат решение за изолација, додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека од уставно-правен аспект Собранието не може да работи и да одлучува преку онлајн апликации.

Прашањето за онлајн работа на пратениците се актуелизира вчера откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека пратеничка од редовите на оваа партија е позитивна на Ковид-19. Таа била позитивна на вирусот пред повеќе од една недела, а две недели претходно не доаѓала на работа во Собранието.

Претходните денови беше објавено дека позитивни на тестот за ковид-19 биле и пратениците Лазе Танески од СДСМ и Исмаил Јахоски од ДУИ. Таневски се тестирал бидејќи сакал да патува во странство, а Јахоски имал симптоми на ковид-19 и беше хоспитализиран.

По направените епидемиолошки анкети, од Центарот за јавно здравје информираа дека нема потреба од изолација на други пратеници, бидејќи мерките во Собранието се почитувале.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески вчера соопшти дека на координативна средба во Собранието ја објаснил потребата од промена на собранискиот Деловник, со цел воведување работа на далечина само за пратеници кои имаат решение за изолација.

– Тоа значи дека само оние пратеници кои се заболени или пак се наоѓаат во изолација поради контакт со заболено лице, присуствата на седниците на Собранието и на работните тела да можат да ги извршуваат онлајн, изјави Митрески.

Според него, вакви примери на комбинирано работење на парламентите има низ целиот свет, па во време на сериозни предизвици, потребни се институции со целосен капацитет, вклучително и Собрание кое ќе биде во можност да ги извршува своите функции и во вакви околности.

– Пратениците треба да им служат на граѓаните во секакви околности, вклучувајќи ја и панемијата, рече Митрески.

Од друга страна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, пренесувајќи го ставот на неговата пратеничка група, изјави дека од уставно-правен аспект Собранието не може да работи и да одлучува преку онлајн апликации, бидејќи според него, постои јасна уставна норма во Членот 69, која налага присуство на собраниските седници на мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Според Милошоски, работа од далечина би била можна доколку во Уставот пишувало „учество”, а не „присуство” на седницата, како што е утврдено и со Деловникот во членот 29 во којшто се наведува дека пратеникот има право и должност да „присуствува на седниците” на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.

– Од етички аспект, би било нееднаквост доколку пратениците физички не одат на работа во Собранието, а во исто време се бара градежниците, медицинскиот персонал, продавачите, возачите, наставниците, судиите, чиновниците и приватниците физички да бидат на своите работни места за са си ја заработат својата плата, потенцира Милошоски на својот профил на Фејсбук.

Осврнувајќи се на ставот на владејачкото мнозинство за потреба од ефикасни институции, Милошоски нагласи дека за такво нешто е потребна соработка на власта со сите други пратенички групи и „уважување на нивните ставови и мислења кога се работи од интерес на граѓаните”.

Според него, со онлајн собраниски седници се ризикува „политичка криза во Собранието, дополнително се воведува уште една правна несигурност” и сите закони усвоени на овој начин „порано или подоцна може да паднат на Уставен суд”.

Меѓутоа, според координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити во Деловникот стои „присуство” и со измените сака да се направи дека присуството може да е физичко или пак онлајн.

– Да не ги измачуваме тие што се пациенти во моментот, да не ги носиме, со посебен третман, па да ризикуваме… Не сакаме да дојдеме во ситуација да блокираме битни процеси, изјави Меџити.

Според него, можно е во следниот период да се зголеми бројот на пратеници инфицирани со Ковид-19, па затоа не смее да се дозволи блокада на сите процеси.

– Затоа како владејачки парии сакаме само да одиме на прецизирање. Не се работи за некоја голема промена, туку само за прецизирање што сфаќаме под зборот присуство, дали само физичко присуство или и онлајн присуство, рече Меџити.

Координатор на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи смета дека со одржување онлајн седници може да дојде до злоупотреба на правата на пратениците инфицирани со коронавирусот, потенцирајќи дека во Собранието има доволно услови и се што е потребно е добра комуникација помеѓу власта и опозицијата.

– Може ли некој во таква здравствена состојба да се вклучи онлајн, ако е на респиратор поставен и целата јавност да го гледа него како тој се вклучува во Собрание. Тоа е тешка злоупотреба на граѓанските и здравствените права. Собранието има доволно услови, се што треба е добра координација меѓу опозицијата и власта, рече Реџепи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште претходно најави дека „нема да и прават кворум на власта”, а прашање е дали во Собранието ќе присуствуваат пратеници од Алијансата на Албанците и Алтернатива.

Собраниски извори брифираат дека претседателот на Парламентот нема да откаже ниту една седница се додека може да се соберат доволен број пратеници за работа на Собранието, односно кворум од најмалку 61 пратеник, без разлика дали тие се од власта или од опозицијата. Од таму потенцираат дека опозицијата треба да има предвид дека ова се специфични услови за работа и дека треба да преземе одговорност и да придонесе за функционалноста на институцијата. Во однос на гласањето за точките на дневен ред, велат дека демократски е секој да се изјасни онака како што смета, но дека во случајов опозициските пратеници и од македонскиот и од албанскиот блок треба да учествуваат во работата на Собранието.

Владејачкото мнозинство во Собранието брои 62 пратеници од СДСМ, ДУИ, Беса и коалициските партнери, а опозицијата 58 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата и Алијанса на Албанците и Алтернатива. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот