Со кои теми партиите ќе ги „ловат“ гласачите на изборите?

Додека партиите типуваат за избори во јуни, јули, август или октомври комуниколозите со став дека кога и да се одржат, кампањата треба да биде базирана на информации што ќе допрат до граѓаните. Тие порачуваат наместо валкана реторика, партиите да ги привлекуваат гласачите со аргументи. А граѓаните пак се погласно не сакаат да слушаат навреди, клевети, дискредитација на протиовникот, туку очекуваат да слушнат културни дебати, дискусии и факти.

Комуникологот Бојан Кордалов за Слободен печат вели дека со говорот на омраза, и со валканите фрази кон политичките противници, не се прави ништо друго освен што во рингот или во арената ги задржувате само лојалните гласачи, и партиските поддржувачи кои секако би ве гласале. Но, затоа пак, посочува дека полека но сигурно со таквата реторика партиите ги губат неопределените.

Во јавноста предизборно се отвора и дилемата кој ќе биде пожесток во дискредитацијата, власта или опозицијата, во македонскиот или во албанскиот политички блок. Според комуникологот Бојан Кордалов не е клучно да се каже кој е за нијанса или две подобар, туку дека како општество треба да научиме да дебатираме а не да се навредуваме.

– Мислам дека можеме да зборуваме за поголемо користење на дискредитација во т.н. македонскиот политички блок, но не е толкава дискрепанцата за да кажеме дека во албанскиот етнички блок „цветаат рози“. ПР центрите, кандидатите и политичарите вниманието на граѓаните и гласачи ќе го свртат доколку партиите водат конструктивна кампања, со понуда, а не со навреда кон политичкиот противник. Кога вршите дискредитација, навреди, говор на омраза, валкани фрази кон политичките противници, не правите ништо друго освен што во рингот во арената ги задржувате само лојалните гласачи, и партиските поддржувачи кои секако би ве гласале. Но, затоа пак, полека но сигурно ги губите неопределените, за кои како политичар се борите, вели Кордалов.

Јавноста се прашува и кои ќе бидат доминантните теми во македонскиот а кои во албанскиот политички блок. Кордалов посочува дека кај партиите на Македонците копјата најмногу ќе се кршат околу смената на името, и ЕУ-интеграциите, наспроти напредокот, додека кај партиите на Албанците, ДУИ ќе говори за нивниот успех во зголемените права на Албанците, а опозициските партии ќе докажуваат дека таа партија е корумпирана и е предолго е на власт. Национализмот како тема спласнува и нема да биде доминантна во пресрет на евроинтеграциите, а веќе сме и НАТО членка. Заминува во историјата, но доколку се отворат ќе бидат од поединци.

Кордалов посочува дека и во двата политички табора нема да изостанат економските теми и коронавирусот.

– Според сите истражувања граѓаните најмногу се интересираат за економските прашања, невработеноста, нови работни места. Во врска со справување со Ковид 19, да потсетиме дека во техничката Влада учествуваат сите партии и оваа тема не треба да биде дел од политичка кампања бидејќи кај луѓето предизвикува страв и паника и треба да и се остави на здравствените работници. Партиите треба да ги почитуваат мерките за здравјето на граѓаните поради корона пандемијата, вели Кордалов.

Политичките партии треба да созреат и да почнат да комуницираат со аргументи и дебата. Дури потоа може да се очекува намалување на говорот на омраза на социјалните медиуми, а со тоа и помеѓу самите граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот