Славко Штимац заврши во болница поради компликации поврзани со ковид-19

принтскрин

Познатиот актер Славко Штимац е сместен во ВМЦ „Карабурма“ во Белград поради компликации поврзани со ковид-19. 

60-годишниот Штимац, пред околу десетина дена, морал да биде хоспитализиран поради двојно воспаление на белите дробови, како последица на коронавирусот.

Штимац е сместен во ВМЦ „Карабурма“ поради двојна пневмонија. Тој беше неколку денови на кислородна поддршка. За среќа, неговата здравствена состојба не бараше интензивна нега. Тој речиси целосно закрепна од воспалението на белите дробови и за два-три дена би требало да биде пуштен дома – открил извор во „Курир.рс“.

Штимац дознал дека имал коронавирус во текот на пробите во театарот за претставата „Да почнеме од почеток“. Планираната прес-конференција, премиерата и првата реприза биле одложени поради болеста на актерот.

Славко Штимац се прослави уште како дете кога глумеше во хит-филмовите за деца „Волк самотник“ и „Воз во снегот“, како и во серијата „Чифлиг во малиот рид“. Оствари значајни улоги и во филмовите „Се сеќаваш ли на Доли Бел“, „Кој тоа таму пее“, „Подземје“, „Животот е чудо“ и многу други. Снимаше и во Америка и тоа со оскаровецот Адријан Броди.

Видео на денот