Скопски џез-фестивал: Џез-музиката стана достапна насекаде

Редуцираниот број публика, според протоколите за културни настани, во салата на Националната опера и балет (НОБ), каде што се одвиваат концертите на 39. Скопски џез-фестивал (14-17 октомври), не го намалува чувството на возбуда, туку, се чини, го зголемува интензитетот на звучните вибрации.

Квалитетот на музичката програма и високото ниво на изведба на концертите, како главни карактеристики на Скопскиот џез-фестивал, покрај специфичната ситуација со пандемијата на коронавирусот, годинава не само што се доследни на рејтингот на фестивалот, туку со низа новитети го носат овој најзначаен културен настан од музичката сфера кај нас чекор понапред. Хендикепот со редуцираниот број публика што може да присуствува на концертите во живо е надграден со стриминг преку интернет и пренос на националниот сервис МТВ3. Така, современата музика стана достапна насекаде низ државата. Без сомнение, тој факт ќе ги подигне стандардите на восприемање музика со врвен авторски пристап.

Во првата половина од годинашното издание можеа да се проследат четири концерти од сцената во НОБ, додека триото на Вилијам Паркер, со Ава Мендоза и Џералд Кливер, преку стриминг на интернет можеше да се проследи од Њујорк. Редуцираниот број публика воопшто не го намалува чувството на возбуда, туку се чини дека интензитетот на звучните вибрации е многу посилен од обично. Такво чувство дава и самиот настап на музичарите на сцена, за кои секое ехо од салата ги мотивира да го употребат целиот талент и виртуозност. Типичен пример беше настапот на двете балкански и европски ѕвезди Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов.

Влатко Стефановски

Нивната соработка трае веќе 20 години. Доволно се познаваат меѓусебно за да можат да го поттикнат и да го извлечат максимумот еден од друг, иако првпат настапија како дует на Скопскиот џез-фестивал. За Влатко Стефановски тоа беше трет настап во џез-фестивалот во Скопје. Претходно ги имаше концертите со гитаристот Мирослав Тадиќ и со Македонската филхармонија под диригентската палка на Кристијан Јарви.

Теодосиј Спасов

Заедно со виртуозот на кавал Теодосиј Спасов, докажаа дека на Балканот луѓето многу лесно се разбираат преку музиката, независно дали свират македонско изворно оро, или пак изведуваат песна на бугарски јазик. Нивниот концерт беше како натпревар во кој целта не беше некој да победи, туку како соодветно да го надополни и надгради. Сличен натпревар се случи и на концертот на водечкиот шпански фламенко гитарист Чикуело и реномираниот пијанист Марко Мезкида во трио со перкусионистот Пако де Моде. Очекувањата на публиката дека ќе присуствува на класичен фламенко-концерт беа надградени со виртуозни пијано-пејзажи на Марко, со што триото покажа дека музиката во светот се движи кон нови и современи верзии на класичниот звук, иако неколку композиции беа направени врз основа на сардана, традиционален танц во Каталонија.

Пако де Моде, Чикуело и Марко Мезкида

Втората вечер ги донесе настапите на пијанистот Матија Дедиќ, син на познатиот Арсен Дедиќ, и концертот на Тони Китановски со неговиот „мал биг-бенд“. Свирејќи теми од својот татко, Матија покажа дека е перфектен пијанист со силна емоција. Комплексна и шаренолика звучна слика донесе концертот на гитаристот и композитор Тони Китановски со неговиот „мал биг-бенд“ на кој како гостин на неколку теми се приклучи и трубачот Асан Рашид.

Тони Китановски со „мал биг-бенд“

Покрај свирењето на гитара и на перкусии, Китановски поголем дел од концертот беше и диригент откривајќи сосема нови пејзажи од неговиот композиторски опус. Радува фактот што во годината кога владееше неизвесност дали воопшто ќе се случи, скопската публика во салата на НОБ, но и гледачите на стриминзите и телевизиските преноси добиваат едно од најиновативните изданија на Скопскиот џез-фестивал.

Фотографии: Татјана Ранташа и Сашо Н. Алушевски

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 53, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот