Скопје, од култура до „скулптура“ и назад

Обидите Скопје од град на културата да стане град на „скулптурата“ на крај се покажаа како неуспешни и тоа благодарение на напорната работа на сите градски културни институции и луѓето во градот кои непречено и со голем мотив работат Скопје да стане фаворит за европска престолнина на културата

Убаво е кога по весници (дури и во опозициски и генерално критички настроени медиуми) ќе прочиташ дека „Филхармонија, „Архангел“ и Емин Џијан создадоа – музичка магија, која публиката бараше да трае уште и уште… Уште поубаво е чувството кога на градот му се оддава признание дека концертите што Град Скопје секое лето ги организира со Филхармонијата во Градскиот парк, насловени „Филхармонија на отворено“, се вистинско доживување за публиката.

Да потсетиме, во 2017 година Филхармонија и хорот на МОБ одржаа концерт со хитовите на „Квин“, во 2018 со реномираниот џез-музичар Феми Кути, во 2019 беа реализирани проектите „Љубов и револуција“ (најпопуларните песни од сферата на поп-рок и панк музиката која главно ги одбележа 90-тите години), и „Ну погоди“ (теми од култните цртани филмови од земјите од источниот блок), кој беше реемитуван на ТВ во пандемиската 2020 година.

Годинава „Филхармонија на отворено“ имаше концерт во дворот на Министерството за култура (промоција на нова летна сцена во срцето на Дебар Маало), а покрај легендарниот концерт со „Архангел“, во соработка со Град Скопје се планира уште еден концерт на отворено во Градскиот парк во септември.

Одлично посетувани културни настани на отворени сцени имаше и пред пандемијата (на пример, прикажувањето на филмот „Исцелител“ во рамките на бесплатни филмски вечери преку „Кино на отворено“ во Градскиот парк). Културата на отворено годинава е тренд на зелените покриви во центарот на Скопје, кои станаа дестинација за голем број различни културни настани – музички програми, кино на отворено, диџеј-сетови, „Театарски викенди на отворено“ итн. Богатата културна програма на зелените покриви во центарот на градот продолжува, а скопјани имаат можност безбедно да уживаат во квалитетни културни содржини во овие нови урбани оази.

Скопје во кич

Скопје е град што секогаш бил познат по богата културна традиција и разновидна културна понуда за скопјани. Култните места како МКЦ, МНТ, Кале, Универзална сала, Градски парк, Старата скопска чаршија, се места што секогаш ќе останат во паметењето како места каде барем еднаш сте посетиле добар концерт со добар бенд. Можеби 1990-тите и раните 2000-ти беа бумот на културната понуда во Скопје, гледано од моја перспектива.

За жал, потоа целосната културна клима во градот се промени. Вредните културни настани добиваа сѐ помалку и помалку на значење, а турбо-фолкот и кичот како да го поклопија градот.

Се разбира, најодговорни за тоа што Скопје почна да се перципира како „европски нов главен град на кичот“ („Гардијан“) е претходната гарнитура на владеење, со мегаломанските проекти од „Скопје 2014“. Сведоци бевме како тогашниот премиер се себезамислувал не само како главен урбанист, архитект и уметнички покровител, туку и како главен автор и градител на целиот тој кич што го обиколи главниот град.

Премиер, кој, патем, одлучуваше кои фасади да не бидат заштитени како споменици на културата, што ќе се гради во барок, а што во класицизам, а што со мермер и „специјален малтер“. И така, Скопје од еден познат град со многу културни вредности почна да се препознава во град на барокни згради, фонтани и фасади.

Културата како партиско оружје

За жал, тогашната власт ја разбираше културата како оружје за политичка мобилизација и за предизвикување разни конфликти. Сетете се само какви конфликти предизвикаа проектите за изградба на црква на плоштадот, црква-музеј на Кале, споменикот на „Ќосето“ со кама пред судската палата, скулптурата на цар Душан, поставувањето на крст во Бутел, музејот на ВМРО со восочни фигури и на Хитлер, Мусолини, царот Борис, кралот Александар итн. А белата палата „со велелепни лустери, црвени теписи, со махагони“, која стана симбол на корупцијата, според мене е и врв на кичот во Скопје.

Дали може да се сетите каква летна културна понуда имаше во Скопје во тоа време? Можеби пречекот на Хунзите од страна на „фалангата“ и фестивалот на Субрата Рој може да се означат како најуспешните културни настани на тоа време, или пак, спуштањето со кран на Каролина на прославата за 20 години од независноста. За жал,  во тоа време Скопје немаше пари за модерна пожарникарска скала, па кранот беше најкреативното решение за вакви настани.

Од сите недобројни културни небулози на „Преродбата во 100 чекори“ – почнувајќи од идејата за „рестартирање“ на часовникот на „Стара железничка“, преку играње новокомпонирани античко-македонски ора, и облекување на „Прометеј“ – сепак најапсурден ми беше индискиот „мировен“ фестивал на Субрата Рој, кој беше промовиран пред „Воинот на коњ“.  И ден-денеска се сеќавам на моментот кога несудениот инвеститор Субрата Рој, во придружба со неговите индиски танчарки, ја промовираше Македонија како „земја без корупција“ и тоа во „стариот театар“ – на МНТ, изграден за 37,7 милиони евра, кој почна да се распаѓа по нецели 8 години откако беше свечено пуштен.

Од лажните ветувања за милионски инвестиции и споменици на Субрата Рој не остана ништо. Не остана ништо ни од последните костени на плоштадот кои беа скришно исечени ноќе, што предизвика голем револт кај скопјани.

Враќање на културниот сјај

Во последните три и пол години Скопје го врати неговиот културен сјај. Најдобар показател е тоа што Скопје, од културна гледна точка, се покажа дури посилен и од короната и тоа со серијата културни настани на отворено. Пролетта 2020 беа поддржани 50 концерти, неколку театарски претстави, изложби и други настани, и тоа на 28 локации во 8 општини како дел од проектот „Култура во време на корона“. И не само тоа, традицијата на посетување концерти на отворено беше негувана и пред пандемијата за време на „Градски летен парк“, а уште долго ќе се паметат концертите за дочек на 2019 година со „Парни ваљак“ (со познатата „Офкестра“ како предгрупа) и за дочек на 2020 со Дино Мерлин (со „Џипси Грув“ како предгрупа).

Обидите Скопје од град на културата да стане град на „склуптурата“ на крај се покажаа како неуспешни и тоа благодарение на напорната работа на сите градски културни институции и луѓето во градот кои непречено и со голем мотив работат Скопје да стане фаворит за европска престолнина на културата.

Видео на денот