Скопје на 13 декември ќе протестира за поддршка на поранешните водачи на ОВК
На 13 декември во 13 часот, ќе протестираме и во Скопје за да побараме правда и да изразиме поддршка за ослободителите кои неправедно се држат во затворите во Хаг, рече Ахмети
На плоштадот Скендербег во Скопје на 13 декември ќе се одржи протест за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Хаг, потврди лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Препорачано
-На 13 декември во 13 часот, ќе протестираме и во Скопје за да побараме правда и да изразиме поддршка за ослободителите кои неправедно се држат во затворите во Хаг. Протестот е планиран да се одржи на плоштадот Скендербег во Скопје – рече Ахмети.
Тој ги покани Албанците да дојдат на протестот, за како што рече, да бидат сведоци на чистата борба за слобода и независност.
Протестот во Скопје треба да биде завршница на протестите што претходно се одржаа во Приштина, Тирана и во Стразбур, а на кои ветераните на ОВК и на УЧК, како и граѓани изразија масовна поддршка на поранешните водачи на ОВК Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими , на кои Судот во Хаг им суди за воени злосторствата на ОВК извршени на Косово.
Протестот во Скопје Ахмети го договорил со организацијата на ветераните на ОВК од Косово. Претходно Ахмети присуствуваше и имаше свое обраќање на протестите во Тирана и во Приштина.
Поранешните офицери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети пред судот во Хаг за најмалку 98 убиства. Тие се обвинети за злосторства врз најмалку 407 приведени, извршени во 34 нелегални притвори на ОВК во Косово и Албанија. Најмалку 98 лица биле убиени од март 1998 година до септември 1999 година.
Овие злосторства се квалификувани во пет точки, како злосторства против човештвото и воени злосторства. Во привремената влада на Косово, прогласена во март 1999 година, Тачи беше премиер, Весељи беше министер за разузнавање, Селими беше министер за внатрешни работи, а Красниќи беше портпарол.


