Скандал: Во заводот за физикална медицина имало „фантоми“ – не оделе на работа а земале плата!

Се размотува клопчето зошто денеска беше најавен, па саботиран штрајкот на вработените во Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. Економската директорка на Заводот Миранда Шабани, за „Солободен печат“ вели дека во Министерството за здравство пријавила неправилности, односно не сакала да потпише да се подели плата, затоа што на платниот список имало лица кои не доаѓале на работа, а земале плати.

Таа вели дека штрајкот бил најавен уште од вчера и таа одговорила дека правото на протест е загарантирано и дека го почитува.

Дури и го подржувам штрајкот затоа што во институцијата каде што ја извршував функцијата како организациски директор плата земаа лица кои што никогаш не сме ги виделе на работа. Лица кои што никогаш не биле потпишани во книгата за евиденција. Јас го поддржувам протестот.  Како организациски директор побарав од медицинскиот директор, правниот сектор и секторот за човечки ресурси, на лицата кои не доаѓаат на работа да им се прекине договорот. Директорот не прифати, поради само нему познати причини. За да не се оптовари буџетот на институцијата решив да не ги потпишам платите, изјави за „Слободен печат“ екс-економската директорка Шабани.

Таа додава дека се пишмани што воопшто прифатила 6 месеци да биде на оваа позиција, бидејќи не е задоволна од тоа што се случува во Заводот за физикална медицина.

Им се извинувам на сите чесни вработени кои што даваат труд и пот за оваа институција и што не биле исплатени на време но мислам дека оваа работа треба да се реши за да и на нив утре им се исплати трудот.
Мојата позиција во ЈЗУ-УК за физикална медицина и рехабилитација е јасна… Организациски директор. Јас бев директор во оваа институција 6 месеци, период кој што не беше доволен за да се откријат сите неправилности. Во првиот момент кога го видов планот за актуелните вработени кој што беше составен по барање на Фондот за здравство и планот за нови вработувања сфатив дека податоците не се совпаѓаат и решив да не потпишам. Дали јас ќе бидам разрешена или нема да ми се продолжи мандатот, тоа е најмал проблем во оваа институција. Битно е да се платат тие што работат а не тие што не доаѓаат на работа, додава таа.

Инаку, утринава десетина новинарски екипи чекаа еден час пред капијата на Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Козле.

Дел од вработените најавија штрајк, па се пишманија, или пак им беше задушен протестот и не излегоа надвор иако ги викнаа сите медиуми. Обезбедувањето доби наредба од директорот да не ги пушта новинарите и снимателите внатре. Според информациите што беа наведени во повикот за штрајкот, вработените не зеле плата.

Ама меѓу нив денес немаше јунак да го потврди тоа пред камера.

Директорот Мики Филев на телефон ни кажа дека сме грешка и дека не е тој на другата страна на линијата иако бевме сигурни дека го имаме вистинскиот телефонски број, бидејќи ни беше даден од страна на кабинетот на Министерот за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот