Скалони: Не зависи од мене, Меси ќе одлучи дали ќе игра на Светското првенство
Фудбалската репрезентација на Аргентина вечерва игра пријателски натпревар со Мавританија, а на прес-конференцијата на селекторот Лионел Скалони, важна беше само една тема – дали Лионел Меси (38) ќе игра на Светското првенство 2026.
Препорачано
Досега нема поголеми пречки за најдобриот играч на Светското првенство во Катар со „гаучосите“ да ја брани својата круна во САД, Канада и Мексико. Тој е со репрезентацијата за натпреварите против Мавританија и Замбија.
„Тоа е повеќе прашање за Меси. Што се однесува до мене, веќе знаете што мислам. Ќе направам сè што можам за да го имам Меси на Светското првенство. Тоа е за доброто и на нашата репрезентација и на светскиот фудбал. Но, не е моја работа да одлучам за тоа. Зависи исклучиво од него, од неговата состојба на умот, физичката подготвеност“, рече Скалони.
Скалони нема да врши притисок врз играчот на Интер Мајами:
„Сакам Лео мирно да донесе одлука. Што и да одлучи, ќе биде најдобро и за него и за Аргентина. Повторувам, се надевам дека ќе биде на Светското првенство. Засега е сигурно дека Меси ќе ги игра двата пријателски натпревари, но ќе видиме дали ќе биде стартер или ќе настапи од клупата“, објасни селекторот на Аргентина.


