СЈО бара казна за Латас и неговите браќа

Латас / СП. архива

Во Кривичниот суд во Скопје беа изречени завршните зборови во случајот „Тревник“ на СЈО. Обвинението се однесува за бесправно градење на викендичките во Зелениково, дело кое го сториле Драган Павловиќ – Латас и неговите двајца браќа, Срѓан и Звездан.

„Од доказите на обвинението произлегува дека обвинетите Драган и Срѓан Павловиќ градбата на објектите за домување ја започнале во текот на месец јули 2011 година, а обвинетиот Звездан Павловиќ во текот на месец ноември 2011 година па, откако започнале со бесправната градба, на ден 12.12.2012 година до општина Зелениково поднеле барања за издавање одобренија за градење за изградба на викенд куќи, со прикривање на фактот дека градбата на објектите е веќе започната, по што од страна на општината се издадени три одобренија за градење од 24.01.2013 година“, соопшти Обвинителството.

– Обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ ги извршиле кривичните дела за кои се обвинуваат со умисла, бидејќи биле свесни дека ги градат куќите во Зелениково без одобренија за градење, биле свесни за забранетоста на таквите дејствија и дури биле свесни дека куќите можат да им бидат срушени затоа што ги граделе бесправно, но сепак продолжиле со градење на истите.

Свесно, во барањата за одобренија за градење кои ги поднеле до општина Зелениково на 12.12.2012 година го прикриле фактот дека куќите, за кои барале одобренија за градење, се веќе изградени. Формално правно добиле одобренија за градење на нови објекти, според кои требало да започнат со градба на објектите во рок од две години по правосилноста на издадените одобренија за градење. Според изведените докази, во времето на издавањето на овие одобренија, 24.01.2013 година, куќите биле веќе изградени.

Тоа што одбраната го потенцираше, дека постојат голем број бесправно изградени објекти во нашата држава, во врска со кои не се поведени кривични постапки, во никој случај не може да биде основ за неказнување на тука обвинетите, ниту пак за оправдување на нивното постапување.

Врз основа на се што кажав досега, сметам дека Обвинителството, со доказите изведени во текот на главната расправа, докажа надвор од секакво разумно сомневање дека обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ сториле по едно кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од КЗ и барам од Вас, почитувани судија и членови на Советот, да донесете пресуда со која ќе ги огласите обвинетите за виновни и ќе ги осудите на казни согласно законот, а при тоа да ги имате предвид сите околности кои влијаат врз висината на казната, а барам и примена на одредбата од чл.244-а ст.6 од Кривичниот законик за одземање на бесправно изградените недвижност – изјави во судница обвинителкатана СЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот