Синдикатот на „Водовод и канализација“ во среда ќе донесе конечна одлука за штрајк

На вчерашната седница на синдикалната организација на СУТКОЗ при ЈП „Водовод и канализација“ донесена е одлука за користење на правото на штрајк што, во согласност со законите, ќе доведе до повикување и поведување на штрајк во претпријатието. Во среда одлуката треба да биде потврдена од највисокиот орган на Синдикатот.

На вчерашната седница, синдикалците известија за големите притисоци кои се вршат врз вработените и членовите на органите на синдикалната организација кои раководството на чело со в.д директорот Марјанчо Митовски ги прави, а последната информација за која се загрижени вработените е дека Митовски подготвува нови дисциплински постапки против повеќе од 40 работници членови на синдикатот.

Поради тоа што в.д директорот Митовски и покрај тоа што во изминатиот период беше констатирано дека свесно прекршувал одредби од Закон и одредби од колективниот договор, продолжува со неговиот нечовечки однос и се осветува на синдикалците и работниците во претпријатието ЈП „Водовод и канализација“ и праќа пораки со заканувачка содржина, едногласно синдикатот одлучи да го користи правото на штрајк, а во среда истата ќе биде потврдена и на највисокиот орган на Синдикатот СУТКОЗ – информираат од СУТКОЗ.

По завршување на законскиот рок, како што соопштуваат, вработените во претпријатието ќе стапат во штрајк кој ќе се одвива на нивните работни места во работно време со неизвршување на работните обврски како и преку изразување на други облици на работничко незадоволство.

Оттаму за утре најавуваат прес-конференција пред седиштето на Град Скопје на која, како што посочуваат, ќе биде презентиран документ од специјалист-невроприхијатар за в.д. директорот на „Водовод и канализација”.

 Ако градоначалничката Арсовска не реагира на сите докази за незаконското работење на Митовски, пресудите за сторени сериозни кривични дела со затворски казни, извештајот од специјалист – неуропсихијатар за сериозното нарушено ментално здравје на лицето в.д директор на ЈП „Водовод и канализација“, ние како работници ќе побараме итна седница на Советот на Град Скопје уште во среда како и помош од сите надлежни институции во Државата се со една цел да се обезбеди заштита и здрави и безбедни услови за работа на работниците кои во овој момент во претпријатието никој не може да ги гарантира, но и нормално и непречено функционирање на претпријатието – велат од Синдикатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот