Шверцерите на дрога се најобединетите на Балканот

запленета дрога Фото: МВР

На криминалните групи не им е важна нечија етничка, верска или каква било друга припадност сè додека тој ја врши работата во нелегалниот бизнис со наркотици.

Конфликтите во и помеѓу криминалните групи, ако ги има, може да бидат од „бизнис-причини“, речиси никогаш поради каква било припадност – етничка, верска, политичка. Иако шверцерските групи честопати се „етнички чисти“ – албански, српски, црногорски, македонски… – тоа воопшто не е пречка тие да соработуваат во илегалната трговијата со дрога.

Најновиот извештај на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал покажува дека шесте земји од Западен Балкан остануваат голем транзитен регион за трговија со речиси сите наркотици – канабис, хероин, кокаин и синтетички дроги. Неодамнешните заплени покажуваат како дрогата се внесува во регионот, како се складира (обично во близина на логистички центри), се сече, се препакува и се дистрибуира на подалечните пазари.

Трговија со дрога од големина каква што е таа што се врши во земјите од Западен Балкан е можна само во соработка со државните структури. Оваа „заштитена економија“ вклучува од корумпирани гранични службеници кои се отсутни или подзамижуваат на клучните гранични премини, до полицијата што ги игнорираат или дури и се занимава со нелегална трговија со наркотици. Таквата економија може да вклучува и политичари, кои ги штитат клучните играчи во дел од бизнисот. Фактот дека има релативно малку заплени на дрога во регионот укажува на одреден степен на небрежност или корупција кај органите за спроведување на законот. Повеќето дроги се превезуваат во камиони, бродови или во автобуси што работат за легални компании. Како што е забележано во овој извештај, големината на некои од овие товари бара значителен простор за складирање и капацитети за сечење и препакување на дрогата.

Извештајот покажува дека канабисот е најчесто употребувана дрога во Западен Балкан, но и најчесто запленувана. За разлика од другите дроги, канабисот се произведува во Западен Балкан. Стебло на канабис од Албанија, старо шест месеци, вреди од 1.800 до 2.000 евра во Италија. Канабисот од Албанија се шверцува во Грција со брод, преку планините или преку премините на Ќафа Бота-Сагиада, Капештица-Смрдеш и Какавија-Ктисмата. Друга популарна трговска маршрута оди кон Грција преку Охрид и Битола. Ако влезе во Македонија, цената за еден килограм се зголемува за 10 проценти (до 2.200 евра).

Канабисот легално се одгледува во Македонија за медицински цели. Можно е дел од него да се најде на црниот пазар, факт со кој се објаснуваат релативно ниските цени на канабисот во Косово. Лани од магацинот на лиценцирана компанија во селото Јосифово, Општина Валандово, беа украдени два тона канабис. Дел од него наводно завршил на Косово. Четворица мажи (двајца од Скопје и по еден од Албанија и од Косово) украле 60 килограми канабис од магацинот на лиценциран производител на канабис во регионот на Крушево.

Во април 2020 година македонската полиција откри 1,2 тони канабис во еден магацин во близина на Скопје. Дел од канабисот произведен во Македонија доаѓа и во Прешевската долина, а кога ќе стигне до Белград, цената за еден килограм ќе скокне на 2.500 евра.

Најновите регионални трендови покажуваат дека канабисот сè повеќе се одгледува (особено во затворен простор) и во Босна и Херцеговина и во Србија.

Главниот влез на хероинот во земјава е околу Делчево. Оваа траса оди преку Кочани, Штип и Велес, а оттаму кон Скопје. Во овие региони килограм хероин се продава од 12.000 до 15.000 евра. Од Скопје трасата се дели на три главни правци: кон Куманово, кон Косово и на запад кон Тетово. Дел од хероинот се криумчари кон Албанија преку Велес, Прилеп и Охрид. Во Елбасан цената е околу 17.000 евра за килограм. Заплените на дрога најчесто откриваат хероин спакуван во „цигли“, често со карактеристично обележување и етикети што ја покажуваат неговата тежина и чистота.

Кокаинот влегува во Албанија најчесто преку пристаништето Драч. Се проценува дека цената на килограм чист кокаин е помеѓу 25.000 и 30.000 евра. Оттаму, се криумчари кон Подгорица по истите маршрути за нелегална трговија или кон Македонија. Во земјава кокаинот влегува и од Бугарија на преминот Деве Баир, па преку Куманово се шверцува во Србија. Една кокаинската маршрута се носи во Грција. Цената на еден килограм кокаин во Струмица (на патот кон Солун) е од 45.000 до 50.000 евра. Дел од кокаинот останува во регионот за исплата на локалните криминални групи.

Западен Балкан често се означува како транзитен регион за трговија со дрога, како на пример канабис, кокаин и хероин. Но, постојат знаци дека регионот е исто така и извор на производство на синтетички дроги, како и растечки пазар на потрошувачи.

Главните синтетички дроги што се криумчарат во Западен Балкан се амфетамини, метамфетамин и екстази (МДМА). Во Северна Македонија има дури извештаи дека некои синтетички дроги се добиваат од Кина. Покрај тоа, се чини дека локалното производство се зголемува, особено во Македонија и во Србија. Во декември полицијата открила нелегални лаборатории за дрога во селото Батинци и во дом во близина на Тетово. Цените на синтетичките дроги се релативно ниски, што е главен фактор во зголемувањето на нивниот удел на пазарот во споредба со растителните дроги.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот