Што прави денеска: Снежана Стојчевска, поетеса

Снежана Стојчевска/приватна архива
Снежана Стојчевска/приватна архива

Снежана Стојчевска е македонска поетеса, дел од книжевната сцена, со издадени неколку збирки поезија. Застапена е во повеќе антологии на младата македонска поезија и редовен учесник на поетски случувања во земјава и надвор. Работи како уредник во списанието за литература, култура и уметност „Современост“ и е член на ДПМ. Заедно со група книжевници – пријатели, е организаторка на првиот Скопски поетски фестивал.

Снежана ни раскажа како изгледа едно нејзино деноноќие.

„Не сум утрински човек, иако би сакала да бидам. Им завидувам на луѓето кои од рано и со ведрина го почнуваат денот. Се будам тешко и со будилник. Ако будилникот не успее да ме разбуди, тука е мојот мачор Пепе да го направи тоа. Колку и да не сакам да станам, нему не можам да му се лутам и да му одолеам. Веднаш ме расположува! Ми прави смешки и ми се радува, трча околу мене како кутре. Откако ќе го нахранам и подмирам, си правам кафе и си земам време да се освестам од соништата, кои често знаат да бидат интензивни. Додека го пијам кафето, Пепе ги лови гулабите кои наутро се разлетани, ловејќи ги трошките кои станарите им ги фрлаат од прозорците. Обично не појадувам, туку појадокот го носам со мене на работа.

Пепе мачорот/Снежана Стојчевска
Пепе мачорот/Снежана Стојчевска/Приватна архива

Ова е четринаесетта година како работам во филмска продукција „Квазар Филм“, која е мојата втора дома. Си ја сакам работата, ме исполнува и ме прави среќна. Во текот на денот наоѓам време и да ги завршам обврските што ги имам како извршен уредник на списанието за култура, литература и уметност „Современост“. Моментално работам на мојата најнова книга „Празно место“, која се надевам ќе излезе до крајот на годината. Исто така, работам на превод на книга кратки раскази со наслов „88“ на поетесата и писателка Надија Реброња од Србија.

Кога ќе се вратам од работа се трудам да не седнувам повторно на компјутер и да ги одморам очите. По ручекот обично гледам вести и дебатни емисии, на кои најчесто задремувам заедно со мачорот. Тоа попладневно гушкање со мачорот ми е омилен дел од денот. Затоа на сите од срце им препорачувам да вдомат барем едно животно од улица. По дремката следува време за чај, книга и/или серија. Читам многу. Гледам да следам сѐ што моите колеги ќе напишат, но наоѓам и време да се навратам на старите добри класици. Секако имам купче книги кои чекаат да им дојде редот.

Снежана Стојчевска/приватна архива
Снежана Стојчевска/ Forum Gestaltung in Magdeburg.

Многу се разликува моето секојдневие пред пандемијата, со ова сега. Пред пандемијата, минимум три до четири пати во неделата вечерите ги поминував на културни настани, промоции на книги, поетски читања, театарски претстави, концерти, изложби и филмски проекции и секако излегувањата за дружење. Мојот интерес за културни настани се должи на тоа што како дете ја имав таа привилегија да израснам во МОБ. Мојата агенда беше пополнета еден месец однапред, знаев кој ден каде ќе одам и што ќе правам. На почетокот, пандемијата многу ме погоди, особено карантините и не можев никако да се прилагодам и да ја прифатам реалноста. Сега веќе се навикнав вечерите да ги поминувам мирно. Конечно им дојде редот на читање на сите книги кои низ годините ги собирав, а не стигнав да ги прочитам. Сега кога би се вратиле на старо ќе ми треба време да се навикнам и сигурна сум дека нема да излегувам со истиот интензитет. Успеав да го пронајдам мирот. Се чувствувам удобно и среќно во својата кожа и во својот дом. Имам доволно слободно време да можам да ги правам работите што ги сакам.

Снежана Стојчевска/приватна архива
Снежана Стојчевска/приватна архива

Некои вечери сум почестена со друштвото на мојот син, кој годинава ќе биде матурант во средното уметничко училиште. Кога не е на свирка или излезен со друштвото, седиме заедно и разговараме за животот и за неговите планови за иднина. Прекрасно е да се има таков син кој е полн со животен елан, идеи и идеали. Навистина уживам во неговата интелигенција, емпатија, талент и смисла за хумор. Кога ќе го погледнам, знам дека сум направила нешто добро во животот и тоа за самохрана мајка е најголема сатисфакција и успех. Сум изградила личност со здрав морален компас, добар и убав како што му е името, Калин, но не и наивен, за да може да се снајде во овој суров свет во кој живееме.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот