Што прави денеска: Ана Јакимска, филмска режисерка и писателка

Ана Јакимска
Ана Јакимска / Фото: Горјан Јовановски /Бранко Костески

Ана Јакимска е филмска режисерка и писателка од Скопје. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности, а магистрирала филмска режија на ФДУ во Скопје.

Јакимска дебитираше во краткиот филм насловен „Ќе дојдат децата“, кој беше номиниран за најдобар краткометражен филм на Меѓународниот филмски фестивал во Шангај, Кина, во 2017 година.

Ана во 2021 година го напиша и режираше краткиот игран филм „Синиот час“, кој летово ќе има премиера пред домашната публика, а го развива и својот прв долгометражен филм, насловен „Полноќен воз“. Таа е соосновач и сосопственик на „Сутерен“, продукциска куќа што се занимава со видео, фотографија и филм.

Ана Јакимска
Ана Јакимска / Фото: Горјан Јовановски

Ја прашавме Ана како приближно изгледа еден нејзин ден, па еве што ни откри таа.

„Мојата професија, филмска режија, не дозволува воспоставување дневна рутина сосема и во точната смисла на зборот. Од една страна, тоа ми се допаѓа и претставува остварување на моите тинејџерски соништа за слобода и немање ден што наликува на претходниот. Додека растев, ги мразев сите ограничувања и намерно ги правев работите што ми беа претставени како ‘забранети’. Тоа во голем дел од случаите не беа најдобрите одлуки, но справувањето со последиците ме научи бескомпромисно да го барам идеалот на слободата.

Ана Јакимска
Ана Јакимска / Фото: Бранко Костески

Од друга страна, ми недостигаат и ‘здодевни’ денови што се предвидливи и што следат некој воспоставен распоред. Сакам структура и ред, така што се трудам деновите кога не сум на снимање, да ги организирам во сличен ритам: будење во 7 наутро, кафе и следење на политичките случувања со Утрински брифинг, потоа работа на новото сценарио некаде до 12 часот, па пауза за брз ручек и потоа отпочнување со обврските во мојата продукција и комерцијалната работа за нашите клиенти. Подоцна попладне правам пауза за одмор или останувам дома да готвам или излегувам некаде на ручек. Вечерите што не ги користам за работа, ги споделувам со пријателите на пијачка или прошетка низ маало и сладолед ‘на ѕитче’.

Ана Јакимска
Ана Јакимска / Фото: Бранко Костески

Кога работните обврски не бараат од мене да бидам физички присутна во канцеларија, сакам да работам од дома со омилениот колега, мојот мачор Ернесто. Ернесто има шест години, толку и живее со мене, а омилено хоби му е пречекувањето и испраќањето низ прозорецот на децата од основното училиште во близина на зградата каде што живееме.

Ана Јакимска
Ана Јакимска / Фото: Горјан Јовановски

Деновите кога одам на снимање обично започнуваат многу порано, уште пред изгрејсонце. Превозот доаѓа во договореното време, излегувам пред зграда додека уште е ноќ и сè уште работат уличните светла, а  воздухот е студен дури и во лето. Брзаме да го фатиме најубавото светло на почетокот на денот, додека сонцето е сè уште ниско на хоризонтот и благо ги осветлува пејзажите. Додека се подготвуваме за првиот кадар, пиеме кафе со колегите на сет и го повторуваме планот за денот. Потоа снимањето почнува и денот оди како на фабричка лента. Снимачките денови траат долго и се исполнети со подеми и падови, така што не е неочекувано што со колегите од сет се создаваат посебни пријателства.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот