Што поскоро во клупи, и од онлајн наставата има што да се научи

Иако има подобрување на сите аспекти, акцентот треба да се стави на отворање на училиштата, бидејќи последиците од изолирањето на децата дома, допрва ќе се чувствуваат, вели претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани

Дури 63 отсто од наставниците во одреден момент не можеле да остварат контакт со учениците за време на наставата на далечина, што е помала бројка во однос на последното тримесечје од минатата година, но сепак е загрижувачка, покажа истражувањето од искуства на родители, наставници и директори на училишта што го спроведоа „Реактор“ и МОН, со поддршка од УНИЦЕФ и Амбасадата на Обединетото Кралство во земјава. Анкетата ја истакнува и неможноста да се контактираат стручните служби во училиштата и психолошките последици врз учениците.

Иако онлајн наставата оваа учебна година била поуспешна од лани, приоритет останува таа да се замени со учење со физичко присуство на учениците во училиштата. Поради пандемијата од коронавирусот, најголемиот дел од училиштата беа затворени пред повеќе од една година, а учениците останаа дома.

                                                  МОН е задоволно

– Сите напори што се вложиле, покажуваат оти има задоволство од оваа учебна година во однос на претходната. Онлајн учењето е задоволително и можеме да кажеме дека сме имале успешна година, а тоа го покажуваат искуствата на сите вклучени страни – изјави министерката за образование, Мила Царовска.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани предупреди дека последиците од наставата на далечина уште долго ќе влијаат врз децата. 

– Иако има подобрување на сите аспекти, акцентот треба да се стави на отворање на училиштата, бидејќи последиците од изолирањето на децата дома, допрва ќе се чувствуваат – рече Џовани.

Заклучокот е дека треба да се создадат услови за настава со физичко присуство, да се активираат социјалните служби во справувањето со последиците од изолацијата, како и да се искористат онлајн искуствата во традиционалниот начин на предавање.

              Психолозите се оптимисти за брзо реадаптирање на децата

Најголем проблем од почетокот на наставата на далечина беше приклучувањата на часовите и остварувањето на контактот помеѓу наставникот и ученикот, коментираа наставници што ги контактиравме, но велат оти има подобрување.

– Оваа учебна реализиравме скратена програма за петто одделени преку програмата Тимс. Не беше лесно, но кога сакаш да не изгубиш континуитет, ќе се потрудиш и резултатите доаѓаат. За разлика од лани, оваа учебна година учениците речиси и да немаа проблеми во техничкиот пристап до наставата, бидејќи имаа на располагање и 10 училишни лаптопи – вели за „Слободен печат“ одделенската наставничка Благица Василевска од училиштето „Димитар Поп Беровски“ во Скопје, која додаде дела социјализацијата најмногу им недостигала на учениците.

Некои родители велат оти учениците уште се мачат со губење концентрација, проблеми да се разбере материјата и слично.

– Не сум поборник за онлајн настава. Техниката секогаш потфрла, тоа се случуваше и оваа година, па и ние родителите учевме со децата постојано. Физичкиот контакт меѓу учениците и наставниците мислам дека е нужен, пред сè, поради менталното здравје на децата – вели Раде Коцев од Штип, татко на основец.

Токму за потребата од социјализацијата зборуваат и повеќе психолози, кои иако тврдат оти децата се флексибилни и полесно се прилагодуваат на менување на средината, но сепак ќе биде потребно време.

– Децата се побрзо приспособливи на нова средина, а во оваа ситуација треба да се случи само реадаптирање. Старите навики брзо би се активирале, невронските врски во мозокот на навиките тешко се бришат. Генерално, децата сфатија дека се работи за една вонредна состојба и имаат однапред создадено очекување дека ќе се вратат во училишните клупи – рече психологот Дора Попова-Узуновски во интервју за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот