Бела техника фрижидери во продавница / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Шрафчиња, бела техника, ѓевреци и еклери ќе се „постројуваат“ на трговските веб-страници!

Минатата недела, ДПИ ги потсети трговците дека имаат 45 дена да се подготват и на нивните веб-страници секојдневно да ги ажурираат цените во маркетите. Од оваа институција се децидни дека оваа обврска нема да им биде дополнителен товар на компании, кои и сега имаат ИТ-сектор задолжен за овие активности

Трговските синџири што продаваат бела техника не се загрижени од фактот дека од 15 април законски ќе мора да ги објавуваат и да ги ажурираат цените на производите што ги нудат. И сега, брифираат тие за „Слободен печат“, таквата практика е востановена и во нивните дуќани, бидејќи секојдневно добиваат вакви списоци за цените и нивните промени се објавуваат на интернет-страниците.

– Без разлика дали станува збор за шпорет, машина за перење, компјутер, климатизер или за ситни домаќински апарати, дел од нивните цени трпат постојани промени и граѓаните тоа го следат, така што сметам дека нема да имаме проблеми во однос на законската обврска – вели еден менаџер на познат трговски синџир за бела техника.

Од друга страна, проблеми ќе имаат дуќаните што се занимаваат со продажба на ситна железарија, бидејќи имаат илјадници артикли. Некои од нивните цени, како на пример на оние на шрафчињата, не трпат толкави промени нагоре-надолу, додека во аптеките, како и во продавниците за храна, постојано има акции. На мака се и пекарите и слаткарите, кои исто така се обврзани според законот.
Минатата недела, директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, ги потсети трговците дека имаат 45 дена да се подготват и на нивните веб-страници секојдневно да ги ажурираат цените во нивните маркети. Тој беше дециден дека оваа обврска нема да им биде дополнителен товар на компании, кои и сега имаат ИТ-сектор задолжен за овие активности.

– Цената на рафтовите од 15 април мора да биде иста со онаа што ќе се објавува на веб-страницата на кој било маркет, продавница за железарија, за бела техника… Значи, сите големи, средни и мали трговци законски се обврзани тоа да го прават. Обврската е задолжителна за сите што имаат повеќе од 10 вработени, вклучително и за пекарите и за слаткарниците – објасни Стојкоски.

На 25 февруари Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, за кои пратениците од власта очекуваат поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкурентност и намалување на цените. Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со поднесување на овие законски измени, одлучиле да одат во две насоки – да ги прифатат практиките што се подобри во западните држави и да ги земат мерките што досега се покажале добри во практика.

– Граѓаните сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат своите пари бидејќи не е нормално да имаме цени во маркети што се највисоки на балканско ниво, цени повисоки отколку што имаат членки на ЕУ, не е нормално. Сигурни сме дека во наредниот период ќе има намалување на цените што ќе биде прифатливо и за македонските граѓани – подвлече Стојановски.

Овој закон се однесува на мали, средни и големи трговци, со што се исклучуваат микротрговците и трговците поединци. Со овие измени исто така се дава овластување на инспекторите да извршат проверки доколку видат неусогласеност на цените.
Со него, трговците на мало (малите, средните и големите) се обврзуваат да ги објавуваат цените на производите на своите веб-страници за потрошувачите да бидат подобро информирани, а оние што имаат повеќе од еден продажен објект, да ги објавуваат цените на стоките поединечно, за секој свој продажен објект.

 По Плнековиќ и Мицкоски го следи потегот на Диоклецијан

Дури и угледниот „Њујорк тајмс“ напиша за инфлацијата и за високите цени во Хрватска, споредувајќи ја ситуацијата со времето на императорот Диоклецијан, пренесува Н1 Хрватска.

„Во 301 година од нашата ера, императорот Диоклецијан донел храбра, но на крајот неуспешна одлука да ја спречи инфлацијата што го пустошела источниот дел на поделената Римска Империја. Цените на сè, од виолетовиот конец, до пердувите, робовите и говедата, биле поставени на неговиот „Едикт за максимални цени“.

Насилниците се соочувале со смртна казна. Диоклецијан ја напуштил власта приближно четири години по донесувањето на Едиктот, набљудувајќи го својот неуспех од неговата раскошна палата во срцето на денешен Сплит“, пишува „Њујорк тајмс“, споредувајќи го со денешниот закон, со кој хрватската влада се обидува со сличен пристап да ги ограничи цените што драстично пораснаа во последните години, пренесува „Вечерњи лист“. Казните се помалку драстични од оние на Диоклецијан, но прекршителите се соочуваат со казни до 30.000 евра.

Правилата што стапија на сила овој месец претставуваат трет обид на хрватската влада да ги контролира цените со декрет од септември 2022 година. Првите два обида беа неефикасни, бидејќи трговците на мало едноставно престанаа да ги складираат повеќето производи со ограничени цени. Овој пат владата тврди дека е сериозна – законот наложува производите регулирани со цени да бидат достапни, а инспекторите имаат задача да вршат редовни проверки и казни за прекршителите. Според новите правила на премиерот Андреј Пленковиќ, списокот со сите 70 производи чии цени се ограничени мора јасно да биде истакнат на влезовите на продавниците. Пред повеќе од илјада години, указот на Диоклецијан ги обвини трговците за алчност и вештачки надувани цени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот