
Шокантни тврдења на поранешниот шеф на службата за безбедност: ФПО беше влезна точка за руските разузнавачки операции во Австрија
Како примери за поврзаноста на ФПО со руската шпионажа, Гридлинг ги наведе поранешната министерка за надворешни работи Карин Кнајсл и Австриско-руското друштво за пријателство
Поранешниот шеф на австриската служба за национална безбедност Петер Гридлинг тврди дека Слободарската партија на Австрија „несомнено била влезна точка за руските разузнавачки операции“.
Препорачано
Гридлинг, кој беше директор на Сојузниот уред за заштита на Уставот и борба против тероризмот (БВТ), смета дека доаѓањето на ФПО на клучни позиции, како канцеларската или министерската, не би влијаело значајно врз оперативната соработка со странските разузнавачки служби.
– Партнерите не може да си дозволат луксуз да не споделуваат информации за терористички закани – изјави Гридлинг, потсетувајќи дека дури и за време на истрагите против неговиот претходник Рене Поли, германските служби продолжија соработката.
Гридлинг, сепак, призна дека „имало компликации“ за време на владеењето на лидерот на ФПО, Херберт Кикл, во Министерството за внатрешни работи, кога Австрија се повлече од работните групи на Бернскиот клуб, европско здружение на разузнавачки служби.
– Особено беа ограничени информациите за Русија, додека соработката во други области продолжи – додаде Гридлинг во интервју за весникот „Стандарт“.
Како примери за поврзаноста на ФПО со руската шпионажа, Гридлинг ги наведе поранешната министерка за надворешни работи Карин Кнајсл и Австриско-руското друштво за пријателство. Тој тврди дека Москва продолжува да ги користи овие врски иако Кикл не е многу наклонет кон Русија, за разлика од некои други европски лидери како унгарскиот премиер Виктор Орбан или словачкиот Роберт Фицо.
Поранешниот шеф на службата за безбедност во исто време забележува дека политичката популарност на ФПО произлегува од способноста на партијата да ги артикулира темите што длабоко го засегаат австриското општество, како што е миграцијата.
– Кикл е исклучително способен политичар и реторичар. ФПО успешно капитализираше на темите како миграцијата, кои долго време беа табу во австриската политика. Луѓето во Австрија се плашат од миграцијата, и тоа е реалност која бара отворена дебата – изјави Гридлинг.
Тој детално ги опиша личните конфликти со Кикл, кој во својот министерски мандат го суспендира Гридлинг на позицијата директор на БВТ. Откако обвиненијата против него биле отфрлени, суспензијата на Гридлинг завршила, но тој постојано бил под притисок.
Гридлинг го истакна обидот на кабинетот на Кикл да добие пристап до чувствителни информации, вклучувајќи ги и оние за истражните чекори против екстремното десничарскo Идентитеско движење.
Гридлинг како „голем предизвик“ ја оцени заштитата на БВТ од политичкиот притисок, особено поради обемната моќ на министерот на информации и назначувањето партиски членови на раководни функции.
– Лојалноста кон министерот е важна, но не на сите нивоа – заклучи поранешниот шеф на австриската служба за национална безбедност, Петер Гридлинг, во интервјуто за „Стандард“.