Шилегов: Бараме партнери за Вардар, но Самсоненко да си ги исплати долговите

Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Фото: Слободен печат/Архива

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изјави дека доскорешниот сопственик на Вардар, Сергеј Самсоненко треба да си ги врати долговите пред градот да го преземе клубот.

Самсоненко минатата година се откажа од Вардар со образложение дека повеќе не може да вложува во клубот, но се обврза дека до 31. декември 2020 година, ќе ги подмири сите побарувања кои ги има кон фудбалерите и клубот со чиста сметка ќе му го врати на градот.

Рокот помина, Самсоненко не го исполни ветеното туку даде нов рок со како што велеше нотарски гаранции дека до 31. јануари ќе го стори тоа. Но и тој рок беше пробиен, а единствено нешто што се случи оваа година во Вардар беше оставката заминувањето на неговиот „човек“ од директорската позиција, Самоил Симев како и Мирко Спасевски.

Верните навивачи на Вардар, „Комитите“ започнаа акција за спас на клубот, тие седнаа на маса со градоначалникот Шилегов по што беше изнајдено некое решение за Вардар да ја доигра сезоната.
Сега Шилегов гостувајќи во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“ открива дека долговите на Вардар изнесуваат 3.5 милиони евра и дека не може да го презеде клубот со милионски долгови бидејќи такво нешто е кривично дело.

Долгот на Вардар е некаде околу 3,5 милиони евра. Вардар беше даден без долгови и со играчки фонд од некаде шест милиони евра, а сега играчите вредат 800.000 евра. Значи ние имаме загуба во вредноста на клубот. Јас не можам да дозволам градот да го преземе Вардар со долг од 3,5 милиони евра, ниту на градот му е дадена гаранција дека тој долг може да биде наплатлив. Ако го преземеме вака клубот со долгови правите кривично дело. Имаше неколку ветувања од Сергеј Самсоненко дека ќе ги подмири долговите, вклучително и последното до 31 јануари дека ќе ги исплати играчите, што не се случи – изјави Шилегов кој додава дека градот заедно со Владата дале свој допринос за клубот да ја доигра сезоната.

Јас како градоначалник и Владата, зашто ПУИГ е сопственик на 49 отсто од акциите преземавме дејствија околу каматата (5 милиони денари) да се избрише за дебклокада, плус уплативме 5,8 милиони денари со цел да се деблокира сметката. Исто така, го замоливме Панчев да ја тргне блокадата, што и се случи и го доведовме клубот да може да аплицира со ваучерите од околу 340.000 евра за да се заврши сезоната. Патем бараме стратешки партнер за Вардар и очекуваме во текот на март да биде решено. Посветени сме на решавање на проблемот, превземаме конкретни чекори, но мислам дека за жал Вардар се злоупотребува во политичка смисла. Дали мислите дека ако дојде некој нов спонзор, на што интензивно работиме, дека така ладно ќе прифати да плати 3,5 милиони евра долг. Не е едноставно. Вардар е дел од македонската традиција, најдобар и најреномираниот клуб во Македонија и никој нема намера да го пушти низ вода. Но секој треба да си ја преземе одговорноста, тој што го направил долгот треба да си го плати. Немаме совршено никаков имот на Вардар, зошто е така – не знам. Академијата е на сопругата на Самсоненко, тренинг-центарот во Гази Баба е јавно приватно партнерство на општината и РК Вардар. Јас претпочитам да се плати долгот, во меѓу време работиме на пронаоѓање на човек, спонзор посериозен кој навистина ќе се посвети на развој на Вардар и во март очекуваме да ги добиеме, драфтовите на договорите веќе се направени, беа испратени на анализа, па вратени кај нас, па ние дадовме одговори… Да не кажам сега со кој разговараме (веќе подолго време се споменуваат катарски бизнисмени – н.з.), ама таков тип на кореспонденција постои и дај боже мислам дека сѐ ќе биде во ред – додава Шилегов во емисијата на „Канал 77“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот