Шарл Перо одекна и на македонски јазик среде Париз

Творештвото на родоначалникот на современата европска сказна, Шарл Перо одекна и на македонски јазик среде Париз. Во рамките на важниот француски проект посветен на неговите сказни, кој се спроведува од страна на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), по повод 30 Септември, Меѓународниот ден на преводот, на големиот настан „Гласовите на сказната“ во Париз, сказната „Самовили“ за првпат пред тамошната јавност беше презентирана и во превод на македонски јазик.

Преводот беше подготвен во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), односно со лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО.

Поконкретно, преводот на „Самовили“ го изработија студентите од трета година на Катедрата по македонистика, под менторство на лекторот по македонски јазик во Париз, м-р Ѓоко Здравески.

Имајќи ја предвид комплексноста на книжевниот превод, со ова уште еднаш се покажува и подготвеноста и воопшто квалитетот на новиот македонистички кадар на странските универзитети, во кој МСМЈЛК при УКИМ вложува како преку наставата на лекторатите по македонски јазик, така и во соработката со центрите во кои се изучува македонистиката, како и преку своите традиционални летни, а изминативе две години и зимски школи.

Како што беше истакнато неодамна, по вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција со што на ИНАЛКО е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност, вклучувањето на македонскиот јазик во овој значаен проект посветен на една од најзначајните личности од европската книжевна историја е уште една потврда на статусот којшто македонскиот јазик го има на оваа реномирана европска високообразовна и научна институција. Преку овој проект, на настанот „Гласовите на сказната“, македонскиот јазик беше вклучен меѓу 27 светски јазици.

На настанот, сказната „Самовили“ од Шарл Перо, на македонски јазик беше прочитана од Аспасија Андоновски, дипломирана студентка на Катедрата по македонистика на ИНАЛКО. Проектот не запира тука, туку во него е вклучено и студиско снимање на преводите, со што и преводот на македонски јазик ќе биде објавен и во дигитален аудиоформат. Следната година, во Париз ќе се одржи и симпозиум посветен на творештвото на Перо.

Инаку, наредната 2023 година ќе биде во знакот и на одбележувањето 50 години македонистика на ИНАЛКО во Париз, која ја води проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, а овој јубилеј обврзува за натамошни уште поголеми вложувања во македонистиката во Франција, известија од МСМЈЛК при УКИМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот