Шабан Салиу не чувствува вина за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“
Министерот без ресор и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасувања, Шабан Салиу не чувствува вина за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде што животот го загубија 61 лице, а над 200 беа повредени.
Препорачано
„Сè додека не бидам осуден, не сум виновен. Не чувствувам никаква вина и треба да оставиме судовите да донесат одлука и да ја водат постапката“, рече Салиу.
Салиу исто така истакна дека не е фер новинарите да водат судска постапка, бидејќи има една општа презумпција на невиност.
Министерот без ресор смета дека не е коректно новинари да сликаат таблички на неговото службено возило откако беше забележан пред неколку дена како се пријавил во Основниот кривичен суд, со оглед дека е опфатен со обвинението за несреќата во кочанската дискотека „Пулс“.
Салиу на функцијата директор на Дирекцијата за заштита и спасување, беше во периодот од 2008 до 2017 година. Обвинителството го товари за Тешки дела против општата сигурност исто како и останатите 34 обвинети, а обвинението сè уште е во фаза на оценка во Кривичниот суд.


